Се вакцинираат здравствените работници, од голема важност е тоа да го направат и возрасните, како најризични

Вакцинацијата во земјава се одвива веќе два дена. Се вакцинира првата група, здравствените работници, со вакцините од Фајзер, донација од Србија. Вакцинацијата се одвива во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а интерес за вакцинирање изразиле 70 отсто од здравствените работници.

Интерес за вакцинација има и кај возрасната група граѓани. Податоците објавени од Министерството за здравство  покажуваат дека од 85 179 лица  кои се заинтересирани да примат вакцина, 38 илјади се над 70-годишна возраст.

Со Сојузот на здруженија на пензионери вчера средба оствари министерот за здравство Венко Филипче на која, како што соопшти, апелирал дека од голема важност е пензионерите да се вакцинираат против коронавирусот бидејќи се во најризичната група и најголем дел од нив се со хронични заболувања.

Вакцинацијата во земјава почна завчера со имунизација на 202 здравствени работници. Се одвива во Скопје, во Модуларната болница, а вработените во ковид-центрите од другите болници во текот на викендот и почетокот на следната недела ќе доаѓаат тука. Понатаму вакцините ќе се дисперзираат низ целата држава. Пунктот во Модуларната болница, каде има шест вакцинални позиции работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје.

Имунизацијата од Модуларната болница се врши со 4.680 од предвидените 8.000 дози вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови. До крајот на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм“. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер“ кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.

Од Министерството за здравство наведуваат дека сите вакцини се безбедни и развиени на безбедни платформи и дека со нив, секој ден сме чекор поблиску до крајот на пандемијата предизвикана од КОВИД-19.

Во втората фаза согласно Националниот план за КОВИД-19 вакцинација, ќе бидат опфатени новинарите и медиумските работници  кои спаѓаат во делот на категоријата граѓани од витални институции за функционирање на државата.

Министерот за здравство на средба со Младен Чадиковски претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Драган Секуловски извршниот директор и Тамара Грнчароска и Павле Беловски членови на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумските работници (ССНМ) истакна дека тоа значи дека новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат веднаш после завршување со вакцинирање на групите кои се предвидени во првата фаза.

Вакцинацијата за новинарите и медиумските работници од радиодифузерите, печатените и он-лајн медиумите, на целата територија на државата, ќе биде доброволна.

Изготвувањето на списоците на заинтересираните вработени во медиумите за вакцинирање ќе треба да бидат поднесени од секој медиум поединечно, во соработка со ЗНМ, ССНМ и Министерството за здравство. Терминот за вакцинирање на пријавените во медиумите ќе се утврдува согласно протоколите за имунизација на Министерството за здравство, а детали околу постапката за пријавување ќе следи во текот на следните две недели.

Раководителот на подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гевгелија, епидемиологот Сашко Олумчев вчера оцени дека почетокот на вакцинирањето против КОВИД-19, ќе го забрза процесот на создавање колективен имунитет, доколку постигнеме да вакцинираме најмалку од 300 до 400.000 граѓани.

-Ова го велам од причина што различни серолошки студии сугерираат дека бројот на заразени пациенти е четири до шест пати поголем од бројот на регистрирани случаи. Според тоаако во моментот бројот на регистрирани во земјава е близу 98.000 и тој број се помножи со 4 или 5, тогаш реално на почетокот на месец март би имале околу половина милион граѓани кои на некој начин, со или без симптоми, веќе ја прележале болеста, рече Олумчев.

Сепак додаде оти ова е само негово размислување и како што рече, сè уште е рано да се зборува, имајќи ја предвид појавата на разните мутации на вирусот во нашата земја.

Вчера во земјава беа регистрирани нови 373 случаи на заболени од КОВИД-19 од направени 2345 тестови. Регистрирани беа 309 оздравени пациенти, а починати осум лица, сите во болнички услови.

Од новите  373 случаи со КОВИД-19, најмногу се во Скопје – 155, Прилеп – 47, Кавадарци – 23, Охрид – 22, Куманово – 20, Тетово – 17, Струга – 10, Битола – 9, Велес, Струмица и Берово по 7, Штип, Крива Паланка и Делчево по 6, Неготино – 5, Дебар и Валандово по 4, Гостивар, Кочани, Ресен, Пробиштип и Кратово  по 3, Гевгелија – 2 и Кичево – 1.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *