Средба на премиерот Заев со индиската амбасадорка Капур

Република Северна Македонија и Република Индија ги поврзува пријателскиот дух на луѓето, а мост на поврзување е хуманистката Мајка Тереза која е родена во Скопје, а се посветила на мисионерска дејност во Индија, констатирале на денешната средба премиерот Зоран Заев и амбасадорката на Република Индија за Република Северна Македонија Пуџа Капур, по повод завршувањето на нејзиниот мандат.
Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот се упатени честитки за напредокот на нашата држава, како нова членка на НАТО и земја којашто се движи кон ЕУ, каде што e констатирано дека припаѓа, географски, историски и според политиките водени во европски дух. Пренесено е, се додава, дека во премиерот Заев не се гледа само како на политичар, туку и како на лидер визионер и дека е тоа препознаено и вреднувано пошироко во светот. Во насока на оценетиот развој на државата, изразен е интерес за продлабочување на соработката во областа на економијата, земјоделството, здравството, културата.

Премиерот Заев, се наведува, се заблагодари на индиската амбасадорка за успешниот мандат во којшто е реализирано и скорешното потпишување меморандум за соработка помеѓу министерствата за здравство на двете држави, како добра појдовна основа за унапредување на соработката во здравствената сфера.

-Станавме членка на НАТО и работиме во делот на европските интеграции. Преку политиките на дијалог и разбирање ги зацврстуваме и добрососедските односи. Веруваме во слободата, демократијата и ќе продолжиме во оваа насока да ја развиваме државата. Посветени сме на растот на економијата и на животниот стандард на граѓаните и поради тоа ни е важна соработката со сите држави со коишто можеме да ги споделуваме овие вредности и да придонесуваме во подобрувањето на квалитетот на живот во земјата, рече премиерот Заев, стои во соопштението.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *