Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари разговор преку видео-врска со Ситонг Читнхотинх, новоименуван амбасадор на Народна Демократска Република Лаос за Република Северна Македонија, со седиште во Виена, по повод предавањето на акредитивните писма кои, поради пандемијата на Ковид-19, ги достави по писмен пат.
Претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, ја нагласи важноста на промовирање на позитивна агенда за соработка меѓу двете држави, вклучително и во контекст на регулирање на договорната рамка, притоа реафирмирајќи го интересот за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес во кои постојат многу можности особено во економската сфера, фармацевтската индустрија и во областа на културата.
-Двајцата соговорници изразија задоволство од меѓусебната соработка во мултилатерални организации, особено во рамките на ОН и Меѓународната организација на Франкофонијата. Во тој контекст разговараа и за претстојниот Самит на Франкофонијата, чија релевантност е засилена со пандемијата која ги зафати сите членки на ОИФ, се наведува во соопштението.
Упатувајќи честитки до амбасадорот Читнхотинх за назначувањето на функцијата, претседателот Пендаровски му посака добро здравје и успешно извршување на одговорната дипломатска должност.