Судскиот совет ја разреши врховната судијка Лидија Неделкова

Судскиот совет на денешната седница донесе едногласна одлука да ја разреши од функцијата врховната судијка Лидија Неделкова.

Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев по завршувањето на седницата изјави дека Неделкова е разрешена и суспендирана, односно времено оддалечена од извршувањето на судиската функција до правосилноста на одлуката.

– Констатиравме дека она што е утврдено во Извештајот на Комисијата составена од тројца членови на Судски совет е основано. Основано е дека тоа се факти кои се утврдени врз основа на изведени докази и тоа на секој доказ поединечно, на сите докази заедно, како и врз основа на резултатите од целокупната постапка, изјави Здравев.

Тој, информира дека против оваа одлука судијката Неделкова има право на жалба до Советот при Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто е разрешена судијката Лидија Неделкова, Здравев рече дека причините се „ненавремено, немарно и несовесно извршување на нејзините работни обврски и повреда на Судскиот деловник, односно Кодексот за судиска етика“.

Неделкова беше еден од тројцата кандидати за претседател на Врховен суд. Судскиот совет во петокот ја избра Беса Адеми за претседателка на Врховниот суд.

Барањето за разрешување на врховната судијка Лидија Неделкова беше поднесено од поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски за поведување постапка за утврдување одговорност на Неделкова како судија.

Пред почетокот на седницата на Судскиот совет, Неделкова изјави дека претходниот претседател Јово Вангеловски се работел незаконски, а како незаконска ја оцени и постапката што ја повел против неа. Таа додаде дека ова е веќе втора постапка, која датира од 2019 година.

– Јас случајно вчера дознав дека денеска е закажана точка на дневен ред да се разгледува предлогот од Комисијата. Оној предлог, што го сменија. Предлогот беше за запирање на постапката. Сменија Комисија, не ме повикаа, што не е законски. Комисијата донела предлог за разрешување, изјави Неделкова.

Таа нагласи дека никогаш не работела незаконски и смета оти има политички мотиви.

– Јас тоа го напишав и во кривичната пријава. Се уште не сум ја добила одлуката, а јавно  се објави на 8 февруари дека е отфрлена. На тоа отфрлање по закон имам право во рок од 8 дена да поднесам жалба до вишиот јавен обвинител. Значи таа постапка не е правосилна, објасни Неделкова.

Таа додаде дека денеска изутринава поднела три барања, да се одложи седницата, да присуствува на седницата заедно  со нејзиниот бранител и да дојде претставник на Здружението на судии за да се бранат нејзините интереси.

Судијката Неделкова денеска присуствуваше на седницата на Судскиот совет, по што изјави дека побарала збор, но не и било дозволено да говори.

По седницата, Неделкова изјави дека Комисијата никогаш не ја повикала да се произнесе, дека нема ништо ново и нема нови докази, а само Извештајот, како што рече, е проширен и се додадени некои „неубави зборови“ за да биде оправдан предлогот за разрешување.

– Не е ни така како што се наведува во Извештајот, бидејќи моите докази се во голем број и покажуваат дека не е така како што е напишано ни во барањето на подносителот на барањето, тогашниот претседател, ниту пак во Извештајот, рече Неделкова.

Таа тврди дека одговорно и совесно извршувала функцијата. Според неа, се работи за политичка, лична комбинација за да биде разрешена и едноставно, како што рече, веќе да не пречи во судството. Таа нагласи дека има право на жалба до Жалбениот совет на Врховниот суд, кој се формира со по еден претставник од апелационите судови со жрепка и тројца претставници судии, со жрепка, од Врховниот суд. Неделкова додаде дека во Советот мора да бидат присутни уште дваца судии од Врховниот суд, зошто таа потекнува од тој суд. Таа смета дека ако поднесе жалба таа ќе биде во нејзина корист.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *