Дваесет апликации се доставени за учество на тендерот за доизградба на првите две делници од пругата кон Бугарија, што го објави Европската банка за обнова и развој. Осум од апликациите се за првата делница Куманово-Бељаковце, а 12 за втората, Бељаковце-Крива Паланка. Станува збор за меѓународни конзорциуми, изјави за МИА Хари Локвенец, директор на Македонски железници Инфраструктура.
Во тек е евалуација на доставената документација, по што се очекува кон крајот на месецов да се финализира листата со учесниците кои ги исполнуваат условите и ќе можат да учествуваат во втората фаза на тендерот со доставување финална понуда. Периодот за доставување на финалната понуда ќе трае три месеци, по што ќе следи изборот на изведувачот и стартот на работите, што, според проценките на раководството на МЖ Инфраструктура, се очекува да биде на почетокот на втората половина од годинава.
На првата делница во должина од 31 километар се завршени 54 проценти од градежните работи, кои беа прекинати откако германски „Вибе“ еднострано го раскина Договорот за изведба. Втората делница е долга 34 километри. И за двете делници е заокружена финансиската конструкција, а за третата, од Крива Паланка до границата со Бугарија која е во должина од 24 километри, досега се обезбедени 60 милиони евра и се работи на обезбедување на останатите потребни финансии.
Предвидено е првата и втората фаза заедно да се реализираат во рок од 36 месеци.