Струмица ја одбележа годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски

– Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател Борис Трајковски, родната Струмица ја одбележа четиринаесет годишнината од неговата смрт.

Граѓани, роднини, пријатели на семејството Трајковски, претставници на Владата и на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани со положување свежо цвеќе и поклонување пред неговиот споменик, уште еднаш ја искажаа својата почит.

За ликот и делото на претседателот Трајковски, зборуваше членот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.

– Борис Трајковски работеше со чесни намери да и помогне на Република Македонија и на нејзините граѓани. Тоа тој го правеше со нагласена енергија, верба во успех и со многу, многу љубов. Остана верен на својот препознатлив стил со кој манифестираше ведрина, топлина, срдечност и беспрекорна ширина во своите погледи и ставови. Без разлика дали се среќаваше со високи државници ширум светските меридијани или со обичните граѓани низ македонските градови и села, Борис Трајковски остануваше секогаш Борис Трајковски, рече Христов.

Потенцираше дека голема заложба на вториот македонски претседател била Македонија да биде дел од НАТО и ЕУ.

– Претседателот Борис Трајковски сонуваше со отворени очи за поуспешна, посреќна, попросперитетна и посилна Македонија, како дел од ЕУ и НАТО. За жал тие негови соништа беа прекинати на денешен ден пред 14 години, рече во своето обраќање Јосиф Христов, член на Советот на општина Струмица.

Во рамките на одбележувањето на четиринаесет годишнината од смртта на претседателот Трајковски младите рецитатори одржаа пригоден рецитал.