Шекеринска-Столтенберг: Северна Македонија докажа дека е активна и кредибилна членка на Алијансата

Во првата година од полноправното членство во НАТО, Северна Македонија докажа дека е активна членка на Алијансата и ги дели заедничките вредности и принципи на сите сојузници, било заклучено во телефонскиот разговор меѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Како што соопшти Министерството за одбрана, министерката Шекеринска порачала дека зголемувањето на одбранбениот буџет на 1,57 отсто од БДП во 2021 од кои 25 отсто се наменети за опремување и модернизација на Армијата, напредокот во процесот на воена интеграција во НАТО, учеството во мисиите и зголемениот придонес во мисијата КФОР на Косово, ја легитимираат Северна Македонија како кредибилен сојузник во Алијансата со значителен удел во напорите на НАТО за мир и безбедност и значаен фактор на стабилноста во регионот.

Шекеринска потенцирала дека воената интеграција на земјата во Алијансата се одвива непречено и изразила уверување дека и покрај предизвиците со пандемијата на корона – вирусот, процесот ќе се заокружи до крајот на оваа година.

Министерката за одбрана се заблагодарила за брзата и ефикасна поддршка од страна на Алијансата во справувањето со последиците од пандемијата, која, меѓу другото, вклучуваше и донација на 60 транспортни респиратори од НАТО Доверителниот фонд во вкупна вредност од 1,4 милиони евра.

-Поддршката во справувањето со последиците од корона вирусот која пристигна од Алијансата, покажа дека силната солидарност и исклучително високото ниво на доверба помеѓу сојузниците се главната движечка сила на Алијансата. Сите за еден и еден за сите не е само наша заложба, тоа е принципот врз кој го градиме заедништвото, нагласила Шекеринска.

Телефонскиот разговор на министерката Шекеринска со генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг се реализира на само еден месец пред одбележувањето на првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *