Власта вели дека може да се размислува за попис во мај или јуни, опозицијата бара да се одложи за догодина

Петнаесеттина дена откако беше донесен Законот за попис и неодамнешниот изнесен став на претседателот на државата Стево Пендаровски дека не би било проблем спроведувањето на оваа статистичка операција да се одложи и да се одржи во мај или јуни, вчера и премиерот Зоран Заев изјави дека таквата можност е вредна за разгледување. Но, нагласи, само ако станува збор за одложување од еден или два месеци. Претседателот на Парламентот, Талат Џафери, пак, не сака да навлегува во дебатата за одложување на оваа операција. На Собранието, рече, беше да се донесе закон и тоа е направено. За друго е потребен политички договор, рече Џафери. Опозицијата останува на ставот дека пописот треба да се одложи за наредната година, или ако се инсистира тој да се одржи пролетва, да се спроведе по електронски пат.

– Летото знаеме дека попис не се спроведува. Септември е кампања, октомври е изборен период за локалните избори. И да размислиме за месец дена, месец и пол, да завршиме некаде до средината на јуни, веќе гледам опозицијата тоа го одби, така што, да ја испратам пораката да бидеме одговорни и да го спроведеме пописот, рече Заев.

Пописот, продолжи премиерот, е согласно сите стандарди на Евростат и сите меѓународни стандарди.

-Дел од базите што се неопходни за оваа статистичка операција се присутни во државата и ги имаме. Дел електронските бази ќе се користат за споредба на теренските проверки што ќе ги правиме за да може да се споредат. Дел не постојат никакви бази како што напоменав неколку информации и ќе мора теренски да се спроведат. Секако тоа ќе биде согласно сите здравствени протоколи. Најмалку што можеме да направиме за земјава во поглед на ова прашање е да бидеме одговорни сите, рече Заев.

Тој порача дека сите чинители во државата треба да бидат одговорни и пописот да се спроведе.

-Наша должност е да се попишеме сите, законот тоа го предвидува, тоа е исто така меѓународна пракса, обврска на сите и апелирам вклучување на најголемата опозициска партија во оваа одговорна операција, затоа што последиците од било какви девијантни појави што може да се јават преку неодговорно однесување, може да бидат непоправливи како последици, рече вчера премиерот Заев на прес-конференција во одговор на новинарско прашање дали е можен поголем консензус меѓу власта и опозицијата за пописот.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во видео интервју за МИА, пак, вчера изјави дека за да се одложи пописот е потребна е политичка одлука. Сепак, тој прашува на што би се засновал тој предлог за одлагање на пописот и дали има некаква проценка дека во јуни или во јули ќе заврши пандемијата со Ковид-19 или состојбата ќе биде поинаква.

-Собранието донело Закон за одржување попис. Пропишало рокови за сите и во овој момент сметам дека беспредметно е да се излегува со размислувања вакви или онакви. Ако сметаат дека треба да се одлага, тогаш треба политичка одлука за тоа. Таа политичка одлука треба да се преиначи во законско решение. И за колку време би се одлагало тој попис? Според она што го слушам да се одлага за јуни или јули. На што се заснива тој предлог? Во контекст на Ковид, што би значело тоа. Има некој информација дека во јуни, јули ќе заврши пандемијата па ќе можеме да го спроведеме или пак ќе дојдеме во празнина законска и тогаш уште да влеземе во правен хаос. Што ако не се одржи во јуни или јули ако предусловите се и тогаш како што впрочем и беа за изборите 2020 година оти проценивме јуни-јули ќе биде ситуацијата поинаква. Да, беше поинаква само во негативна конотација, изјави Џафери.

Според него, политичкото искажување како такво не е доволно за одлука.

–Има Закон или ќе се приклучат сите да го извршуваат законот или ќе се случи тоа што најавуваат дека ќе се случи. Едни најавуваат дека собираат потписи, други викаат ќе спроведеме закон, трети викаат некои други предуслови. Тоа е веќе политичка дебата на која јас како претседател на Собранието не би сакал да се вклучам. Надлежностите на Собранието беа да се донесе закон, вели, меѓу другото, Џафери.

ВМРО-ДПМНЕ, вчера, формално ја почна иницијативата за укинување на Законот за попис што, како што рече лидерот на партијата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, бил донесен без консензус и без елементарно почитување на здравјето на граѓаните во услови на тешка пандемија.

Нагласи дека голем број држави од регионот како што се Бугарија, Србија, Хрватска, Романија и Сојузна Република Германија се одлучија да го одложат пописот за есента или пролетта 2022 година, водејќи сметка и грижејќи се за здравјето на граѓаните.

Тој посочи дека ништо нема да промени доколку пописот биде одложен за неколку месеци.

-Гледаме дека воопшто не се ни направени пописните тимови, ниту, пак, обучувачите на пописните тимови, а имајќи ги предвид пандемиските услови во кои се наоѓа државата невозможно е да бидат обучени, а притоа да биде заштитено нивното здравје. Немаме вакцини со што би ги заштитиле тие луѓе, слушаме дека првите вакцини евентуално би пристигнале во државата во скромна количина некаде на почетокот на март, посочи Мицкоски.

Апелираме, нагласи од Владата и до надлежните во Парламентот да го прифатат предлогот на опозицијата за електронски попис.

-Не го изложувајте здравјето на граѓаните. Не бевте способни да донесете вакцини за тие кои што сакаат да го заштитат здравјето вакцинирајќи се, да им го овозможите тоа, овој пат барем направете електронски попис. Здравјето на граѓаните и човечките животи немаат цена. Оставете ја оваа статистичка операција за пролета 2022 година или охрабрете се и направите електронски попис по теркот на државите од Европската Унија, потенцира Мицкоски нагласувајќи и дека тоа би значело оти граѓаните ќе имаат доверба во таа статистичка операција, дека таа нема да зависи од политичкиот двоен потпис, и ќе се добијат реални податоци за да може да се развива државата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *