ЈУБИЛЕЈНО ПОКЛОНЕНИЕ „ВО ЧЕСТ НА СВЕТИ КИРИЛ“ ВО РИМ ВО 1988 ГОДИНА – ДЕЛ I (36)

 

ДВАЕСЕТТО ПОКЛОНЕНИЕ ПРЕД ГРОБОТ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО ВЕЧНИОТ РИМ

Традиционалната манифестација „Во чест на свети Кирил” се одржа по 20-ти пат во Рим, од 22 до 26 мај. Оваа манифестација опфати поголем број приеми, разговори, приредби и предавања поврзани со дејноста на свети Кирил, со македонски и југословенско-италијански врски и, посебно, со македонската култура.

Годинешната делегација ја предводеше претседателот на Извршниот совет на Собранието на СР Македонија м-р Глигорие Гоговски, а во неа се наоѓаа уште д-р Борис Петковски, претседател на Републичката комисија за културни врски со странство и Ратко Бутулија, потпретседател на Извршниот совет на Собранието на СР Србија. На „Деновите” присуствуваше и делегација на Македонската православна црква на чело со полошко- кумановскиот митрополит г. Кирил, како и протоѓаконот Александар Цандовски.

На првиот ден на престојот делегацијата беше примена во одделна аудиенција кај папата Јован Павле II. Притоа, шефот на делегацијата м-р Глигорие Гоговски на папата (Карел Војтила) му предаде библиофилски примерок од преводот на неговата книга „Поезија” што на македонски јазик што ја издаде „ Македонска книга” од Скопје . На папата Јован Павле II, исто така, му беше предаден и избор од поезијата на досегашните добитници на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, а членот на делегацијата Ратко Бутулија на папата Јован Павле II му ја предаде монографијата „800 години на манастирот „Студеница”.

Притоа, обраќајќи му се на папата, шефот на делегацијата м-р Гоговски му изрази благодарност за гостопримството и помошта што Ватикан ја укажа во изминатите две децении во оддавањето почит на сесловенскиот просветител свети Кирил, чие огромно дело ја збогати ризницата на културата на целиот свет.

– Во изминатите 20 години благодарејќи на поддршката на Ватикан, нагласи претседателот Гоговски , на достоинствен начин беа претставени многу вредни остварувања на културата на нашите народи и народности, а во тие рамки и јазикот и современите дострели на дел од творештвото создадено во многувековното постоење на македонскиот народ.

Заблагодарувајќи се, папата Јован Павле II го истакна значењето на светите браќа Кирил и Методиј за писменоста и културата на сите словенски народи и за негување на споменот за нив преку културата, особено од македонскиот народ, затоа што тоа, истовремено, е и најзначаен момент за зачувување на самобитноста.

Папата Јован Павле II се интересираше за тоа каде се живее македонскиот народ. Претседателот Гоговски го информира дека македонскиот народ живее во СР Македонија и дека постои многубројно македонско малцинство во СФРЈ, Грција, Бугарија и Албанија, како и многубројно иселеништво во прекуокеанските земји – Австралија, Канада, САД и во западноевропските земји.

3papaЦрквата Сан Клементе во Рим

Истиот ден, делегацијата беше примена од кардиналот Роже Ечегерај, претседател на Понтификалната комисија Justitia et рах, кој воедно е задолжен за формулирањето на ставовите на Ватикан во поглед на односите развиени-неразвиени, борба за мир и сл.

Во присуство на повеќе од 100 угледни личности на јавниот, културниот и политичкиот живот на Ватикан и на Рим , членови на дипломатскиот кор акредитирани при Светата столица и други посетители, во „Ciricolo di Roma” беше промовирана книгата „Поезија” на Карел Војтила на македонски јазик. На промоцијата зборуваше кардиналот Роже Ечегерај и претседателот на Републичката комисија за културни врски со странство д- р Борис Петковски, а избор од стиховите од поезијата на Карел Војтила беше презентиран на италијански, полски и на македонски јазик.

На вториот ден од престојот во Рим, во просториите на југословенската амбасада, беше организирана свеченост по повод 20 годишнината од оддавањето почит на делото на свети Кирил, на која зборуваше м-р Глигорие Гоговски . Во својот говор, меѓу другото, шефот на делегацијата г. Гоговски укажа на значењето што и се дава на манфестацијата, како и на епохалното дело што го остварија браќата свети Кирил и Методиј во областа на писменоста и културата на словенските народи.

Истиот ден напладне во црквата „Свети Климент” во Рим, каде што се наоѓаат моштите на св. Кирил Солунски, беше одржан традиционалниот молебен, на кој покрај делегацијата присуствуваа и амбасадорите Штефан Цигој и Анте Скатаретико, високи личности на Ватикан, свештеници на католичката црква, како и голем број посетители и стотина граѓани од Штип и  молебенот. Свечено беседеше полошко-кумановскиот митрополит г. Кирил. Тој нагласи дека епохалното дело на свети Кирил и неговит брат свети Методиј кои учењето го ширеа на јазикот на македонските Славени веќе 11 векови, значи го ширеа кај сите словенски народи.

Со овогодишното јубилејно поклонение се навршуваат и три децении од обновувањето на Охридската архиепископија како самостојна Македонската православна црква, чиј патрон е најистакнатиот ученик на светите браќа, свети Климент Охридски.

Во оваа пригода, повторно беше изразена благодарноста што уште од првото доаѓање овде пред 20 години, делегацијата на Македонската православна црква беше примена со добредојде од највисоките личности на Светата столица која во 1986 година светите браќа Климент и Наум Охридски ги прогласија за светители на Римокатоличката црква.

Делегацијата предводена од м-р Глигорие Гоговски имаше средба во италијанското Министерство за надворешни работи, а беше примена и од секретарот на Советот за јавни работи на црквата, монсињор Акиле Силвестрини.

Во срдечниот разговор е констатирано дека одностие меѓу СФРЈ и Светата столица се добри и дека тие успешно се развиваат. Потоа, делегацијата го посети Ватиканскиот таен архив каде што се запозна со начинот на чување историска граѓа и со постапката на конзервација на документите.

Во рамките на манифестацијата беше направена посета на Институтот за славистичка филологија на Универзитетот „Ла Сапиенца”, при што членот на делегацијата д-р Борис Петковски, претседател на Републичката комисија за културни врски со странство имаше разговори со директорот на Институтот д-р Санто Грачоти. Исто така, д-р Петковски во Ориенталниот институт во Неапол одржа предавање на тема: „Традицијата во современото македонско сликарство”, а се одржаа и два концерта. Така, клавичембалистката Смиљка Исаковиќ од Белгард одржа концерт во театарот „Гионе”, а професорот Хуберт Бергони одржа концерт на оргули во црквата „Сан Игнацио” пред голем број слушатели.

Во текот на престојот во Рим, делегацијата имаше средба и разговори во италијанското Министерство за надворешни работи, каде што беше примена од потсекретарот Џани Манослини. Исто така, м-р Гоговски имаше средба и со заменикот на министерот за надворешна трговија Клаудио Ленеци.

4papaАрхиолошкиот музеј на Македонија во Скопје

Претседателот на Извршниот совет на Собранието на СР Македонија м-р Глигорие Гоговски, кој ја предводеше делегацијата на манифестацијата „Југославија во чест на свети Кирил” имаше средби и разговори во Болоња со претседателот на Покраинската влада на покраината Емилија Ромања, Лучано Гверцони, како и со другите претставници од регионот.

На разговорите со претседателот на Владата на Емилија Ромања и со неговите соработници што беа водени во пријателска и срдечна атмосфера, беа покренати повеќе прашања од соработката меѓу Социјалистичка Република Македонија и покраината Е милија Ромања, која повеќе години наназад, врз основа на потпишаниот протокол се остварува во различни области .

Продолжува

 6slave  Пишува: СЛАВЕ  КАТИН