МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА ПРЕКУ ПЕРОТО НА СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ КАТИН (ДЕЛ 7)

ЗНАЧАЈНО ДЕЛО ЗА МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО НА СЛАВЕ КАТИН

Едно од најзначајните  дела за македонското иселеништво на Славе Николовски – Катин,  „Македонците во САД и во Канада“ („Македонска искра“, 2002, , 1-382, на македонски и англиски јазик) претставува своевиден рубин камен кој ја осветлува библиската вистина за постоењето и вековните страдања на македонската нација во срцето на Балканот.

.Мотивиран од овој факт, Катин ја започна и успешно остварува својата историска мисија, потврдувајќи и докажувајќи дека Македонецот има планетарни цивилизациски корени со кои се гордее, независно дали живее во својата татковина – Република Македонија или во Америка, Канада, Австралија и Европа (Европска Унија).

Оттука, делото „Македонците во САД и во Канада“  е еден вид национален проект на Катин. Делото безмалку се доживува како „семејно житие“ за Македонците во дијаспората, за нивната иселеничка одисеја, со сите елементи битни за историскиот егзодус на еден народ, од неговото осознавање како нација до денес. Импресивен е фактот дека во сите фази низ кои минал, независно од угнетувањата, прогонувањата, негирањата и асимилацијата што над него биле вршени, Македонецот успеал да се одржи и како птицата феникс да го продолжи своето битисување низ историјата. Најсветол пример на овој план е возобновувањето на Светиклиментовата црква на Плаошник во Охрид (разурната уште во XV век), во септември 2002 година.

Оригиналноста на ова дело произлегува и од еден друг факт. Имено, Катин, за разлика од другите истражувачи, на иселеништвото му приоѓа и од друг аспект. Тоа е откривањето на иселеничката генетика на Македонците, осветлувањето на причините (а не само на околностите) за појавата и развојот на овој феномен. Тие кај Катин не се третирани како гола статистика, туку се доживуваат како река која незапирливо тече, како планетарна појава која ги облагородува државите во кои се доселиле, дејствувајќи како амалгам на овие релативно нови цивилизации, не само на американскиот, туку и на австралискиот и европскиот континент. Кај Катин иселеништвото пулсира со живот чија динамика се чувствува на сите овие простори, создавајќи нови релации и нова клима во односите со старата татковина.

Оваа студија на Катин е своевиден калеидоскоп на историската вистина за нашето иселеништво. Во неа се прекршуваат сите вековни премрежија низ кои минувал македонскиот народ низ историјата. Она што му се случувало во Македонија, се рефлектирало, во иста или порадикална мерка и во дијаспората. И таму нашите луѓе биле третирани како Бугари, Срби или Грци, како на такви им биле нудени цркви и весници низ кои ќе ја изразат својат „фактичка национална припадност“. Од таквата „грижа“, за жал, нашите соседи не се откажале и денес, кога Балканот се демократизира и трансформира за вклучување во Европската унија.

Посебно е возбудлив начинот на кој Славе Катин ги отсликува односите меѓу македонските заедници во дијаспората. Неговите аргументи одат во прилог на фактот дека нема сила која може да го скрши духот и вербата на Македонецот во својата национална кауза. Состојбите на овој план денес во Америка, Канада, Австралија и Европа (Европска Унија), најдобро го потврдуваат тоа.

Македонците во државите на овие континенти денес ја доживуваат својата вистинска национална афирмација, што е, пред се’, нивна заслуга, но и заслуга на нивната матична држава, а особено на Македонската православна црква, која одигра извонредно значајна улога во зачувувањето на националниот идентитет и културните традиции на македонскиот народ, на сите светски меридијани.

Магнетизмот на ова дело извира и од еден друг факт. Македонците во Татковината и оние во дијаспората, преку него ќе научат повеќе за себе, ќе осознаат многу нови вистини за својата макотрпна борба за опстанок. Тоа ќе биде нишката која ги поврзува, запознава и зближува, како припадници на еден библиски народ со најдолга историја на планетата, како победнички народ, на чие чело се наоѓале водачи (Филип и Александар Македонски) со планетарна аура, без чии подвизи не може да се замисли, не само македонската, туку и историјата на многу народи.

Затоа оваа книга уште повеќе ќе ги обедини Македонците, ќе ги зближи и мотивира за нови освојувања и пробиви во економијата и културата на државите во кои живеат, но и за афирмација на нивните вредности како припадници на една од најстарите цивилизации во Европа и светот.

Со еден збор, ова дело на Катин е своевиден македонски „Златен мост“  по кој Македонците во Татковината и светот чекорат со една мисла и една цел: создавање стратегија на поврзување и соработка, во рамките на која сите тие ќе бидат генератори на овие процеси, кои ќе придонесат, не само за економскиот развој на Република Македонија, туку и за консолидација на односите со иселеништвото, од една, и смирување на денешните исцрпувачки трендови за доброто на земјата, од друга страна.

Свесен за овој факт, Катин својот генерален пристап кон оваа материја го модифицира и со неговото свртување од македонските заедници кон успешните поединци, чии продори во сферите на бизнисот, го привлекуваат не само вниманието на земјата во која живеат, туку и на старата Татковина, преку повремените контакти што со неа ги одржуваат по разни поводи (прослави, јубилеи, приеми), но не и мотивирани од македонската власт за вложување на нивниот капитал во матичната земја.

Делото „Македонците во САД и канада“ најпрво имаше промоција во Народната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје, за кое зборуваа митрополитот Кирил и академикот Блаже Ристовски. Потоа, на 8 декември 2002 година, во Торонто, Канада, кога се одржуваше културната семакедонска манифестација по повод празникот посветен на македонскиот просветител и патрон на македонската православна црква „Св. Климент Охридски“, а во организација на Соборниот македонски храм што го носи неговото име и Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ (чиј член е и Катин) се одржа врората промоција.

Во големата сала на храмот, а во присуство на неколку стотини членови на македонските православни црковни општини, на бројни македонски друштва и асоцијации, бизнисмени, македонски дипломати и видни граѓани на културната јавност од метрополата Торонто, беше претставено творештвото на хроничарот на македонското иселеништво, Славе Николовски Катин.

Тогаш беа промовирани неговите најнови двојазични дела (на македонски и на англиски), публикациите „Македонците во САД и во Канада“ и „Монографијата за познатото македонско семејство Јановци“, истакнува Даринка Даневска во својата информација објавена во јавните гласила на Македонците во Канада и во Република Македонија. Оваа значајна манифестација ја отвори претседателот на црквата „Св. Климент Охридски“, Џим Шарковски, интелектуалец од Канада.

Делото „Македонците во САД и во Канада“, истакнува таа, е капитално дело на публицистот Славе Катин, во кое е фокусирана македонската иселеничка голгота од крајот на XIX век до денес. Неговата промоција ја направи познатиот македонски академски сликар од Торонто, Ѓорѓи Даневски. Во своето излагање тој истакна:

„Делото на Катин е драгоцено, репрезентативно и сеиселеничко, кое остава трајни сведоштва за бурниот историски развој на Македонците од сите делови на Македонија на северноамериканскиот континент. Во истовреме, делото на Катин претставува значен прилог кон македонската книжнина, историографија и вистина, зашто тоа зборува за организираното живеење, постигањата на македонските иселеници на национално, верско, културно, образовно и спортско поле. Исто така, во него се претставени напорите и борбата на Македонците за одбрана на нашиот национален идентитет, традициите и обичаите, кои извираат од нашите библиски корени. Затоа, со право може оваа книга да се нарече Библија за судбината на Македонците во САД и Канада“, истакнува Даневска.

„Посебен акцен во ова капитално дело на Катин за Македонците на северноамериканскиот континет е ставен врз македонските православни цркви, манастири и црковни општини, како и на македонските организации, друштва, медиуми, клубови и друг вид асоцијации што Македонците ги формирале во период од над сто години. Со тоа се заокружува една значајна страница за македонската вистина и се осветлува историскиот и развојниот пат на Македонците на овие демократски и многунационални простори“, истакнува Драгица Белчевска, водител и уредник на македонскиот радио час „Глас од Македонија“, од Торонто.

Исто така, со пригодни зборови на присутните им се обрати и Ѕвонко Муцунски, вршител на должноста амбасадор на Република Македонија во Канада, кој дојде специјално за промоцијата на книгите.

Во Детроит, САД, пак, во организација на Друштвото „Полог“ (чиј почесен член е и Катин), на 15 декември 2002 година, публикацијата  „Македонците во САД и во Канада“, беше промовирана пред голем број членови на Друштвото, на Македонската православна црковна општина „Света Богородица“, на повеќе македонски друштва и асоцијации, бизнисмени и други гости.

Ова значајна средба ја отвори претседателот на Друштвото „Полог“, Љупчо Атанасовски, а за ликот и делото на Катин зборуваше свештеникот Благоја Ацески. Делото „Македонците во САД и во Канада“ го промовираше познатиот иселеник, бизнисменот Мишко Васовски, претседател на Македонско-американската асоцијација. Тој истакна дека делото на Катин е драгоцено, репрезентативно и семакедонско, кое остава трајни сведоштва за бурниот историски развој на Македонците од сите делови на Македонија кои денес живеат на северноамериканскиот континент, се вели во статијата на Дени Гавровски, објавена во повеќе гласила во Република Македонија.

За творештвото на Катин зборуваше и свештеникот на МПЦ „Св. Богородица“  Благој Ацески, кој посебно подвлече дека во ова капитално дело на Катин за Македонците на северноамериканскиот континент, посебен акцент е ставен врз македонските православни цркви, манастири и црковни општини, како и на македонските организации, друштва, медиуми, клубови и други асоцијации формирани од иселениците во измиатите сто години. Со тоа, според него, се заокружува една значајна страница за македонската вистина и се осветлува историскиот и развојниот пат на Македонците на овие демократски и повеќенационални простори.

Продолжува

Пишува: ДУШАН РИСТЕВСКИ

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА ПРЕКУ ПЕРОТО НА СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ КАТИН (ДЕЛ 6)

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА ПРЕКУ ПЕРОТО НА СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ КАТИН (ДЕЛ 5)

ДЕЛ ОД ИСЕЛЕНИЧКАТА ВИСТИНА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ 4-ТИ ДЕЛ

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА ПРЕКУ ПЕРОТО НА СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ КАТИН (ТРЕТ ДЕЛ)

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА ПРЕКУ ПЕРОТО НА СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ КАТИН (ВТОР ДЕЛ)

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА ПРЕКУ ПЕРОТО НА СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ КАТИН (ПРВ ДЕЛ)