Собранието треба да расправа за избор на Насер Зибери за народен правобранител

Собранието денеска треба да ја започне 32. седница на која на дневен ред е Предлог одлуката за избор на Народен правобранител. За народен правобранител е предложен Насер Зибери. Неизвесно е дали денеска Собранието ќе има кворум за работа, имајќи предвид дека владејачките партии немаат мнозинство во моментот поради отсуство на пратеници поради Ковид-19, односно изолација.

Насер Зибери беше предложен за народен правобранител од страна на ДУИ, но против неговата кандидатура застана пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива. Зибери кој е нотар, беше кандидат за премиер на ДУИ во кампањата за последните парламентарни избори.

По скратена постапка на оваа седница се предложени и дополнувањата на Законот за јавните набавки, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, предложени од пратеници од владејачкото мнозинство,

На дневен ред на оваа седница се и измените и дополнувањата на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства, Дополнетиот Предлог законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, Дополнетиот Предлог на Закон за рамномерен регионален развој, сите во второ читање.

Во прво читање се повеќе закони и тоа дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници, измените на Законот за чек, измените на Законот за давање на финансиски услуги на далечина, измените на Законот за детективската дејност и други.

На 32. седница предложениот дневен ред е со 49 точки, а меѓу нив се и Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025,  Предлог на одлука за одобрување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио телевизија за 2020 година, барања за согласности и финансиски планови и годишни извештаи на повеќе институции и комисии.