Заев-Клуге: Динамизирањето на постапката за добивање на вакцини за сите земји е израз на пријателство и солидарност

Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за здравство Венко Филипче преку интернет-конференциска врска одржа состанок со регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге и сo претставници на СЗО.

Во фокусот на разговорот, како што соопшти владината прес-служба, беа актуелната состојба во Северна Македонија со заразени од коронавирусот, како и активностите во врска со обезбедувањето на вакцини и имунизацијата на населението против вирусот КОВИД-19.

Во разговорот премиерот Заев, како што се наведува, информираше дека состојбата со заразени од коронавирусот во нашата земја е стабилна, со двојно намален број на хоспитализирани пациенти и дека доколку има потреба, има доволно слободни места во болниците. Заев посебно ја истакна и се заблагодари за поддршката на СЗО и успешната соработка со локалната канцеларија на Организацијата во земјата, во поглед на донации, консултации, насоки и препораки за совладување на здравствената криза предизвикана од пандемијата од коронавирусот.

– За време на празниците, овде во Северна Македонија беа воведени димензионирани мерки со цел да се заштити здравјето на граѓаните и да се амортизира ударот кон здравствениот систем и поддршката од граѓаните, со целосно почитување на мерките доведе до тоа сега да имаме стагнација на ширење на вирусот, рече премиерот Заев, додавајќи дека и понатаму остануваат во сила мерките и препораките со цел заштита на населението и здравствениот систем.

На средбата, како што се наведува во соопштението, беа истакнати напорите на СЗО, нејзините партнери и нашата земја за динамизирање на постапката за обезбедување на вакцини преку КОВАКС програмата, при што беше истакнат аспектот на почитување на основните вредности кои притоа се покажуваат, а тоа е пријателство и солидарност на европските земји и земјите во регионот на Западен Балкан.

Премиерот Заев информираше за 8.000 дози вакцини кои од Република Србија ќе пристигнат и кои ќе бидат наменети за сите здравствени и медицински работници, на кои заедно со претставникот на СЗО им упатија јавна благодарност за покажаната хуманост и пожртвуваност во изминатите месеци додека трае епидемијата.

Претставникот на СЗО, како што соопшти владината прес-служба, ја истакна добрата соработка со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести. Притоа упати поддршка за кооперативноста на Северна Македонија во рамки на Берлинскиот процес, изразувајќи надеж дека ќе продолжи и ќе се динамизира координацијата со земјите од Западниот Балкан и Европската Унија за успешно справување со ковид кризата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *