Прва зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Од 25 јануари до 5 февруари 2021 онлајн ќе се одржува првата Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура наведува дека е една од релевантните институции што се дел од националната платформа за одбележување на јубилејот, а целта на платформата, иницирана од министерствата за култура и за образование и наука, е да се усогласат сите проекти и настани предвидени на национално и на меѓународно ниво во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески (1921-1993).

-Првата зимска школа, која ќе се одвива секој ден по четири часа и со вкупен фонд од 40 часа, е вистински влог во отпочнувањето на прославата на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Конески, соопшти МСМЈЛК.

На зимската школа ќе учествуваат 52 учесници од 16 земји – Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грција, Италија, Канада, Косово, Полска, Руска Федерација, Соединети Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешка.  За наставата се ангажирани се лектори (предавачи и професори) со долгогодишно искуство.

– Организирани се лекторски групи за сите нивоа (почетно, средно и напреднато и тоа напреднатото ги има и своите поднивоа, за јазик, литература и преведување). За своето учество посетувачите на зимската школа ќе добијат и уверение со што тие имаат можност да влезат во самата историја како први учесници на една ваква зимска школа на меѓународниот семинар, соопшти МСМЈЛК.

Организаторот  најави дека на отворањето на првата зимска школа пригодни видеообраќања ќе имаат претседателот Стево Пендаровски, министерката за образование и наука Мила Царовска,  ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Весна Мојсова-Чепишевска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *