Парламентот не ги донесе измените на Деловникот за работа и Етичкиот кодекс согласно предвидените рокови во 3-6-9 + планот на Владата, до крајот на јануари годинава.
Процес има и го водат експертите од Проект на ЕУ „Поддршка на Собранието за спроведување на реформите“. Изработена е и втора верзија за итни измени на Деловникот и Етички кодекс на која забелешки нема доставено, според собраниски извори, само ВМРО-ДПМНЕ. Со процесот се доцни, како што се нагласува, поради политичките случувања во земјата односно во Парламентот особено по асењето на пратениците од опозицијата осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27 април и поднесувањето на над 35.000 амандмани за законот за јазиците. Доцнењето може да влијае на оценките за евроитеграцискиот процес на земјата. Македонија следниот извештај за напредокот на земјата го очекува на 17 април годинава.
Во Планот 3-6-9 + на Владата во делот што се однесува на Собранието има седум точки од кои две се однесуваат на Деловникот и на Кодексот, а во една од точките во планот се нагласува дека пратениците треба активно да соработуваат со ЕУ експертите во Собранието и нивна вклученост во работната група за реформи на Собранието.
Работна група за реформи во Собранието, согласно планот, е формирана, но, како што информираат за МИА, тоа е само на хартија бидејќи претставници на парламентарните партии се уште немале заедничка официјална средба. Средба имале само собраниските службеници задолжени за процесот. Втора драфт верзија на итни реформи на Деловникот има, но забелешки доставиле само СДСМ, ДУИ и Беса, но не и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. За Етичкиот кодекс забелешки имало само од СДСМ.
Втората драфт верзија за предлогот на итни измени на Деловникот содржи измени што се однесуваат на конститутивната седница, формирањето на пратеничките групи, на пратенички прашања, за надзорните расправи…
Во однос на конститутивната седница предлогот е таа да треба да биде свикана на 21 ден по изборите, да ја свика и да претседава најстариот пратеник се до изборот на претседател на парламентот, а да може најдолго да трае десет дена. Предлогот за формирање пратеничка група е да може да се формира само една пратеничка група за партија или коалиција, со најмалку петмина пратеници.
Пратеничките групи со став дека се посветени на рефомите
Од пратеничката група на СДСМ и коалицијата за МИА нагласуваат дека тие се посветени на намерата да се направат соодветни измени на Деловникот за работа на Собранието и подготовката на Етичкиот кодекс, во согласност со Планот 3-6-9 и роковите утврдени во овој План.
– Процесот на измени на Деловникот се одвива со посредство на меѓународни експерти, кои што соработуваат со пратеничките групи и со Секретаријатот на Собранието. Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата, во рамките на предвидените рокови, ги достави забелешките што беа формулирани од меѓународните експерти, но истовремено таа зависи и од потребата да се обезбеди усогласеност меѓу поголемите пратенички групи, посочуваат од оваа пратеничка група.
Изразуваат надеж дека сите пратенички групи во преден план ќе ги стават приоритетите и реформските процеси во државата и дека нема да дозволат поради политички калкулации да се пропуштат роковите кои се важни во насока на евроинтегративниот процес.
Од ДУИ, пак, брифираат дека до декември Собранието ги исполнило речиси сите предвидени активности предвидени со планот освен Деловникот и Етичкиот кодекс. Се посочува именувањето на јавниот обвинител, и донесените закони за судови, за верификација на факти, укажувачите, а во второ читање се законите за следење на комуникациите.
До нив е доставена втората драфт верзија на Деловникот, а нивни претставник имал и средба со експертите. Но, велат дека без ВМРО-ДПМНЕ во Собранието не може да се донесе Деловник. Тогаш ќе биде, велат од таму, исто како кога тие ги носеа измените на Деловникот.
Од пратеничкта група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека се вклучени во процесот на измените на Деловникот, но нема информација зошто до експертите не доставиле забелешки за втората драфт верзија.
Проект на ЕУ „Поддршка на Собранието за спроведување на реформите“
Проектот, како што стои на собраниската веб-страна, ќе ја поддржи Работната група за реформи со цел да се подобри целокупното работење на Собранието и ќе се фокусира на Етичкиот кодекс и на Деловникот за работа на Собранието. Покрај тоа, проектот ќе обезбеди низа обуки за собраниската служба и за советниците на политичките партии во Собранието. Проектот ќе трае до септември 2019 година.