Да се празнува одговорно со цел заштита од Ковид-19, кривична за сите групирања

Новогодишните празници граѓаните да ги празнуваат одговорно и во кругот на семејството, за да го заштитат здравјето и да го спречат ширењето на коронавирусот, апелираат надлежните. Тие најавуваат дека сите оние кои за време на Новата година ќе организираат групни забави во станови или викендици, веднаш ќе се соочат со кривична одговорност.
Исто така, како уште една мерка за заштита од Ковид-19, е и бесплатниот телефонски број објавен од Министерството за внатрешни работи. На тој број граѓаните можат да се јавуваат и да ги пријавуваат соседите доколку се групираат.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски апелира граѓаните да празнуваат одговорно, во кругот на семејството и на тој начин да придонесат заеднички во справувањето со КОВИД кризата.
-Ако за време на новогодишната ноќ бидат издадени викендици или станови каде ќе има 15, 20 или 30 луѓе како група, тогаш и сопственикот на тој објект што го издал и оние кои се присутни на забавата ќе одговараат, односно ќе сносат кривична одговорност, вели Спасовски.
Контроли ќе има низ целата територија на државата, во сите градови и во сите туристички центри.

Спасовски најави дека посветено и максимално ќе работат и ќе контролираат секаде каде што е потребно, за да се помогне на општеството и да се спречи ширењето на коронавирусот.

-Генерално нормално треба да помине новогодишната ноќ, да си празнуваме сите одговорно заради тоа што апсолутно мислам дека ќе биде погрешно и никој од нас нема да биде спокоен доколку на новогодишната ноќ организираме каква било забава или прослава или дочек на Новата година во некаков голем круг на пријатели, на соработници итн., вели министерот.

Инаку, и покрај благо намалување на бројот на новозаболени од Ковид-19 во текот на претходните денови, вчера беа регистрирани дури 498 нови случаи. Од Министерството за здравство уверуваат дека во болниците низ државата има уште слободни кревети.

На инфективните оддели во главниот град и во земјава вкупно се лекуваат 985 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
-Во болницата во Битола се хоспитализирани 41 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 53 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 31 пациенти, во Велес се лекуваат 30 болни, а во Куманово 90 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 60 пациенти, во Прилеп 70 во ковид центарот во Гостивар 37, а во Струга 36 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 52 пациент, во Кочани 15 во Кичево 10, Кавадарци 29, во Гевгелија 14 лица, а во Дебар 5 позитивни и суспектни на корона вирусот, соопшти Министерството за здравство.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 82301. Бројката на оздравени пациенти е 60256, а на починати е 2473. Вкупно има 19572 активни случаи.
Институтот за јавно здравје вчера регистрираше вкупно 606 оздравени пациенти, но и 17 починати.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *