Попис во април, опозицијата бара пролонгирање

Попис ќе има во април догодина зашто е неопходен за развојот на државата, велат од владејачкото мнозинство и порачуваат дека тоа е статистичка операција што не треба да се политизира и да зависи од волјата на политичките партии и лидери. Опозицијата, пак, изразува сомнежи во предложениот закон за попис, интервенира со амадмани и смета дека е подобро да се пролонгира за еден месец за тој да биде кредибилен.

ВМРО-ДПМНЕ инсистира на читачи на отисоци на прсти, а Алијанса на Албанците и Алтернатива бараат пролонгирање и формирање посебно тело што би го споровело пописот. Двете партии поднесоа четириесеттина амандмани на законот, што беа разгледувани на вчерашната седница на Комисијата за европски прашања.

Координаторот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива Скендер Реџепи изјави тие ќе го поддржат законот, но сметаат дека треба да се пролонгира рокот за завршување на пописот и тој да биде на 30 април, за што имаат поднесено амандман. Тие исто така бараат Државниот завод за статистика да не ја води оваа операција туку од страна на Владата да биде формирана службена државна пописна комисија, која ќе го надгледува пописот, бидејќи, како што велат, немаат доверба во институцијата која од девет раководни места, нема ниту еден Албанец. Според Реџепи, овој закон не треба да се политизира.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, поднесе 26 амандмани на Законот за попис. Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски, изјави дека се работи за суштински амандмани кои значат подобрување на законскиот текст и влевање на доверба во целата операција.

– Избегнувањето на обезбедувањето на отисок од прст не дава сигурнист во целата постапка. Образложението дека тоа е скапа операција и ќе треба време за набавка не држи затоа што во ДИК за таква апаратура има, но не се префрлени пари од ДИК за тоа, рече Мицевски.

Со овие апарати за отисок од прст, смета тој, на многу лесен начин ќе се издвои резидентното население од државјаните во Република Македонија.

-Дополнително ако навистина сакаат да биде статистичка операција би требало методологијата да биде сотавен дел на законот како би можеле ние кои го носиме законот да продискутираме и за неа, а не тоа да се носи со подзаконски акти во кои Собранието ќе нема учество. Исто така многу е симпроматично барањето за врзан потпис на директорот и на заменик директорот затоа што сепак тоа се политички фигури. Едниот е поставен од СДСМ другиот од ДУИ и не ја гледам потребата за врзан потпис, изјави Мицевски.

За СДСМ ваквите предлози имаат цел одолговлекување и окажување на пописот.  Нагласуваат дека попис на населението ќе има идната година во април,  и оти ќе биде успешна статистичка операција што ќе ја организира и спроведе Државниот завод за статистика според најдобрите стандарди на ЕУ.

Целта на Законот за попис, велат од владејачката партија, е оваа статистичка операција, сега и во иднина да не се третира веќе како политичко прашање.

-Тој погрешен концепт на ВМРО ДПМНЕ, пописот да биде политичка операција се потврди како погрешен во 2011 година и затоа пописот пропадна и залудно се потрошија народни пари. Неконструктивна опозиција, без компас, сега се противат на попис. Се противат на онлајн работа на Собранието, блокираат работа на законодавен дом кога на граѓаните им требаат институции за борба со пандемијата и заздравување на економијата.Немаат ниту една идеја од помош, само блокади, блокади, блокади, изјави пратеничката Снежана Калеска-Ванчева.

Пописот, истакнуваат од СДСМ, е неопходен за развој на државата, која единтвена во регионот нема организирано попис 18 години.  Апелираат до пратениците да се водат од одговорноста пред граѓаните и државата и да се усвои Законот за попис.

Според најавите од претседателот на Собранието Талат Џафри, Законот за попис, се очекува да да се најде пред пратниците на пленарана седница по 18 јануари.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија треба да се одржи во периодот од 1 до 21 април 2021 година. Последниот попис во земјава беше спроведен во 2002 година. Пописот во 2011 година не се реализира, откако 10 дена по неговото започнување беше прекинат по колективната оставка на членовите на Државната пописна комисија. За пропаднатиот попис истрага отвори поранешното СЈО, која потоа ја презеде ОЈО за организиран криминал и корупција. Според истрагата, со одлуката за стопирањето на пописот, тогашните владини коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нанеле штета на Буџетот во износ од 2,8 милиони евра.