За идентитетот како европска вредност не се преговара, бугарското вето опасност за политичко мешање во историјата

За идентитетот како европска вредност не се преговара. Македонскиот идентитет на македонскиот народ и македонскиот јазик апсолутно се величина како што се бугарскиот, германскиот, францускиот, италијанскиот, чешкиот, полскиот… Тоа е европска вредност и за такви вредности, ниту се разговара, ниту се преговара, порача вчера премиерот Зоран Заев. Најави дека очекува напредок во разговорите со Бугарија по завршувањето на изборите кај источниот сосед.

Заев истакна дека во моментов нема разговори со Софија, бидејќи се празници и најави дека по празниците ќе продолжат со изработка на акцискиот план.

– После празниците ќе одржиме координација со МНР, заедно со специјалниот претставник за Бугарија, професорот Бучковски, да продолжиме во делот на утврдувањето на акцискиот план, а тоа е планот што го изработивме на наш предлог под раководство на министерот Бујар Османи за покривање на сите области од спортот, до инфраструктурата, образованието, културата, музиката, здравството, науката… Очекуваме повратен одговор од Бугарија, откако ќе завршат празниците заради тоа што очекуваме да го надополнат со нивни идеи, рече Заев.

Иако во Бугарија се пред избори, додаде премиерот, мислиме дека за добробит на двете страни, на политиката, на граѓаните и на државите би било секое понапредно реализирање на акцискиот план.

– Ќе продолжат и политичките контакти под раководство на двајцата министри за надворешни работи и реално очекувам напредок по завршувањето на изборите во Бугарија заради тоа што е нерационално да се очекува да се донесе некое решение пред изборите, посочи Заев.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *