Заев – Шентоп: Турција останува силен поддржувач на С Македонија

Претседателот на Владата Зоран Заев, придружуван од министерот за економија Крешник Бектеши и од замениците министри за политички систем и за труд и социјална политика, Илхан Раман и Енвер Хусеин, се сретна со Мустафа Шентоп, претседател на Големото национално собрание на Република Турција.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, е констатирано дека пријателските билатерални односи меѓу двете држави се унапредуваат, што го покажува активната економска соработка, како и трговските односи што се одржуваат без видливи загуби и во време на пандемијата.

На средбата било нагласено дека посетата на парламентарната делегација од Турција, со цел присуство на одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик во нашата држава, во услови на специфичната здравствена состојба во светот, е потврда на културните врски и меѓусебното, како што беше констатирано, идентитетско признавање, меѓу народите на двете земји.

– На средбата е пренесено дека Република Турција продолжува да ги поддржува евроатлантските интеграции на Република Северна Македонија, како и развојот и напредокот на државата. Во таа насока изразени се честитки за новиот мандат на премиерот Заев и формирањето Влада посветена на решавање прашања од државно и граѓанско значење, посочи владината прес-служба.

Премиерот се заблагодарил за големата поддршка што ја дава Турција на нашата држава од осамостојувањето на државава до денес, и посочил дека Република Турција е меѓу најголемите инвеститори во нашата држава. Тој изразил посебна благодарност за помошта во областа на здравството во време на пандемијата, како и за поддршката на Армијата, во рамки на НАТО партнерството.

– Успешно градиме едно општество за сите во нашата држава. Го честитаме Денот на наставата на турски јазик во земјава и го одбележуваме со достојна почит, бидејќи сме определени кон соживот и еднакви услови за живот за сите граѓани. Фокусирани сме кон пријателства и со нашите соседи и со нашите меѓународни партнери, со што го потврдуваме нашиот европски начин на однесување и функционирање, рече Заев.

Тој додал дека во државните институции има претставници на турската етничка заедница на значајни раководни позиции, што ја одразува определеноста на Владата кон еднакви шанси за сите.

На состанокот, како што додадоа од Владата, било разговарано и за можностите за интензивирање на економската и културната соработка и била изразена поддршка на зајакнување на меѓусебната парламентарна соработка.