Хоџа: Откупот ќе тече непречено, а незадоволните тутунари ќе протестираат, верувам дека ситуацијата ќе се нормализира

Откупот на тутунот ќе продолжи непречено, а од утре тутунарите ќе протестираат по два часа. Ќе се прави неделен пресек на текот на кампањата. Ова е епилогот од денешната средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа со тутунарите во Прилеп.

Министерот Хоџа признава дека големите откупувачи вчера не го почитувале договореното во петокот и затоа се зголемил револтот кај производителите. Но, откупот мора да тече, а незадоволните тутунари имаат право на протест. Верува дека со денешното ветување на откупувачите за флексибилен откуп, ќе се подобрат работите.

-Јавно кажав дека договорот од петокот со тутунарите и откупувачите не беше испочитуван од поголемите откупни фирми. И, нормално дека порасна револтот кај тутунопроизводителите. Иницијативниот одбор на незадоволните тутунарите од утре по два часа ќе протестира. Истовремено ќе се одвива откупот на тутунот непречено, со тоа што в петок ќе направиме пресек како се одвива целата ситуација со откупот. Ситуацијата треба да се одвива во нормала, особено што денеска самите откупувачи ветија дека ќе бидат пофлексибилни во почитување на правилниците за процена на тутунот, а и дека ќе го преземат вишокот на тутун. Верувам дека до петок ќе треба да има разбирање и од двете страни и очекувам дека ќе има подобрување во проценката на тутунот. Откупувачите и тутунарите имаат свои вистини и затоа инсистирам да имаме неделен пресек на текот на откупот на тутунот. Нема некоја логичност во тврдењето на откупните фирми дека тутунот е со лош квалитет. Тутунот е со послаб квалитет од ланскиот, но не толку за да се цени две класи подолу. Самите производители се свесни дека не може да се постигнат ланската цена и квалитет, изјави по средбата министерот Хоџа.

Според Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на „Група македонски тутунари“ вели дека не им верува на откупувачите и бара гаранција дека откупот ќе биде реален во целата држава. Посочи дека не се откажуваат од протести.

-По искуството од петокот кога откупувачите не го почитуваа договореното, нашата доверба во нив е загубена. Нам ни требаат гаранции дека секаде во земјава реално ќе се откупува. Наводно е договорена флексибилна линија, но ние немаме гаранции за тоа. Откупот треба да биде ист кај сите откупувачи, на сите пунктови. И да не биде еднаш лош, другата недела добар откуп. Затоа, ние утре ќе излеземе на протест два часа, а потоа самоиницијативно тутунарите кои се незадоволни, рече Мирчески.

Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија нагласува дека ќе ги брани интересите на тутунарите и реално да им се цени трудот.

– Како Сојуз на земјоделските здруженија на Македонија остануваме да ги браниме интересите на тутунарите. Поддржуваме протест поради незадоволството на производителите. Ако нема реален откуп, од понеделник, со поверениците ќе ги блокираме вагите, рече Стомнароски.

Денеска откупувачите на средбата со премиерот Заев и со министерот Хоџа ветија флексибилност во откупот и да се откупи и вишокот на тутун. Инаку, денеска е последниот законски рок за почетокот на откупната кампања. Од реколтата од околу 23 000 тони досега се откупени околу три проценти со просечна цена од 164 денари за килограм.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *