Заев порача дека остануваме фокусирани кон полноправно членство во ЕУ, Османи со поддршка од европратениците, Бучковски во Софија се сретна со Борисов

Нема друг пат освен патот кон полноправно членство во ЕУ. Остануваме фокусирани целосно на тој пат. Апсолутно знаеме до каде се разговара. Јас сум Македонец, јас сум роден Македонец и израснат како Македонец, изјави синоќа премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ Телма. Во меѓувреме, шефот на дипломатијата Бујар Османи доби поддршка од европратениците, со исклучок на двајца бугарски пратеници од десницата, дека пораката на ЕП е јасна – билатералните спорови немаат место во преговарачкиот процес со ЕУ. Специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија, Владо Бучковски, пак, одржа средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов на која било посочено дека решенија можат да се најдат на преговарачка маса.

Заев рече дека од ситуацијата со бугарската блокада губат и Бугарија и Северна Македонија, но, како што рече, најмногу губи Европа ако се откаже од ова. -Има работи за кои не само што не се преговара, туку и не се ни разговара. Јас се надевам дека на нашите пријатели, зборувам за пријатели, заради тоа што бугарскиот народ е пријател на македонскиот народ, а со тоа и нивната Влада, претседателот, па дури и опозицијата треба да знаат дека правото на самоидентитет, правото на определба, правото на свој мајчин јазик е сопствено универзално право загарантирано со меѓународни договори, со универзалните човекови права и се, рече премиерот.

-Блокадата и ветото оставаат горчини. Повторно ќе ни ги разделат народите. Не ни треба тоа. Ако повеќе соработуваме, Западна и Северна Европа уште повеќе ќе не прифаќаат, порача Заев.

Вели дека ја чувствува горчината на граѓаните и оти се смета за должен да ги отвора патеките за да се гради искрено пријателство, кое, како што рече, мора да биде обострано.

Изрази надеж дека ова прашање ќе се реши час поскоро, заради, како што рече, добробит и на македонскиот и на бугарскиот народ, а и заради продолжување на патот на нашата интеграција.

Истакна дека ако сме за членство во ЕУ заради нас, а не да бидеме само членки на Унијата, мора да продолжиме по овој пат.

-Блокадите ќе продолжат и до година ќе продолжат и уште по една година, па ќе влезе Србија, па Србија ќе ни замери нешто, МПЦ ни е уште отворена. Ни треба час поскоро да ги решаваме работите. Секако, не по секоја цена. Затоа што ако сме обезличени, ако сме никој и ништо, ако немаме свој идентитет и јазик, чуму ни е членство, заради тоа што нашата борба е за сите овие европски вредности, меѓу кои и правото на самоопределување, нашата национална посебност, истакна Заев.

Според него, откако започнале решавањата на несогласувањата со соседите, нашиот јазик и идентитет доживуваат афирмација, како никогаш порано.

-Ние мораме да грабиме напред и тоа како Македонци со македонски јазик, и тоа го правиме, ние денес сме Македонци кои зборат македонски јазик и сме членка на НАТО. Ќе бидеме утре Европејци, земјата ќе ни биде членка на ЕУ и ќе бидеме Македонци кои што зборуваат македонски јазик и таа цел ја постигаме, за разлика од сите претходни 27 години кога не сме ја постигнале. Во тоа време кога не сме ги постигнале тие цели, под голем прашалник беа нашиот идентитет и нашиот јазик, отколку сега кога ги исполнуваме целите, нагласи Заев.

Посочи дека денес, како никогаш порано е заштитен македонскиот јазик, македонскиот народ и нашиот македонски идентитет, и тоа се постигна доминантно низ афирмацијата на преговорите со Бугарија и денеска со личната карта која што ја имаме во ООН. – Кога се зборело толку за Македонци, за македонски јазик и слично? Никогаш, и плус тоа е загарантиран, потенцира Заев, говорејќи дека државата нема друга алтернатива и мора посветено да работи на европскиот пат.

Рече оти останува оптимист и изрази надеж дека бугарскиот премиер Борко Борисов ќе направи исчекор.

– Мојот пријател Бојко Борисов може да направи исчекор затоа што јавно декларираме и во сите разговори во кои разговаравме дека Северна Македонија нема различно значење од Република Северна Македонија. Се однесува на нашиот територијален интегритет, нема територијални претензии или какви било претензии. Истовремено секогаш сум кажувал и повторно ќе кажам, немаме никакви аспирации да се мешаме во внатрешните работи ниту на Бугарија, ниту на кој било од соседите, вклучително и граѓани и малцински права, ниту пак дозволуваме некој да ни се меша заради тоа што тоа е регулирано во меѓународниот план, рече Заев.

Додаде дека може со поголем интензитет да се реализира Договорот за добрососедство, а Мешовитата комисија да ги наоѓа решенијата и јавно да ги објавува.

Уште еднаш повтори дека црвените линии остануваат македонскиот јазик и идентитет и оти еднинствениот пат на земјата е нејзината интеграција во Европската Унија.

Премиерот, одговарајќи на прашањето за преименувањето на празникот 24 Мај од страна на бугарското Собрание, како Ден на бугарската азбука, рече дека сите знаеме дека Кирил и Методиј се словенски просветители и дека не може некој да ги присвојува или глаголицата да ја прикажува како сопствена азбука.

-Ако однапред ги исцртате црвените линии, нема да имате за што да разговарате. Се отвораат можности за разговори, за што се враќате дома и треба да помине Парламент, Влада… Со стоењето во место губиме. Хрватска беше зад нас во 2005 година, а видете ги каде се сега, додаде Заев.

Министерот Османи одржа дебата со европратениците од Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент (ЕП) попладнево. Со исклучок на двајца бугарски пратеници од десницата, пораката на ЕП е јасна – билатералните спорови немаат место во преговарачкиот процес со ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Десеттина европратеници зедоа збор за еден час дебата со македонскиот министер за надворешни работи попладнево на виртуелна сесија на парламентарната комисија, со силни зборови на поддршка и разочарување за блокадата од страна на Бугарија за усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија.

Силна поддршка изрази и грчкиот европратеник од Сириза, Стелиос Кулоглу, кој побара да се стави крај на „историските зомби“ на Балканот и порача дека Европскиот парламент е на страна на Северна Македонија. Рече оти е „неприфатливо е една земја членка да го користи својот статус против земја кандидат за да си ги решава билатералните односи, во 21 век и во време кога имаме други проблеми како пандемијата, социјалната правда, безбедноста и демократијата“.

Слична осуда за бугарското вето пристигна и од групата на Зелените преку холандската пратеничка, Тинеке Стрик.

Претставникот на Европската народна партија, ЕПП, од Бугарија, европратеникот Александар Јорданов, и неговиот колега од бугарското ВМРО, беа единствени кои го поддржаа бугарското вето. -Има Македонци кои се чувствуваат како Бугари и ова мора да биде познато, вие морате да престанете со комунистичката интерпретација на историјата, дали ги сменивте историските учебници?, праша Јорданов и порача дека Северна Македонија ќе ја добие поддршката на Бугарија кога ќе го имплементира Договорот за пријателство.

Османи, со помирувачки тон повтори дека властите во земјата ги негуваат добрососедските односи, како што тоа го докажала преку носење тешки одлуки рече тој, и смета дека Договорот за пријателство е најдобрата основа за понатаму со Софија.

-Договорот за пријателство со Бугарија е формула за успех, споровите се емоционални и со емоции е тешко да се постигне рационален пристап, посебно во предизборен период, објасни Османи, истакнувајќи дека за само осумнаесет месеци остварени се 11 средби на заедничката интердисциплинарна комисија и постигнат е договор за два историски периоди и пет историски фигури.

Османи исто така потврди дека Северна Македонија не се откажува од проевропскиот пат и покрај фрустрациите и разочарувањата и дека ќе продолжи да работи на реформите за да биде подготвена денот кога ќе биде дадено зелено светло од страна на Советот на ЕУ. За Северна Македонија, рече тој, нема друга алтернатива освен ЕУ.

-Интересно е дека сепак ние ја живееме таа алтернатива повеќе од десет години и ќе ја живееме веројатно уште една декада додека ЕУ не биде подготвена да прими нови земји членки, ние треба да најдеме внатрешна сила, а за тоа Европскиот парламент се покажа како партнер од вредност, рече министерот Османи. Тој ги увери пратениците дека Северна Македонија држи до односите со Бугарија и сака да ги негува, но дека тие мора да се развиваат со взаемна почит.

Специјалниот владин претставник за Бугарија Бучковски вчера во Софија одржа средба со Борисов. – Отсекогаш верував дека решенија можат да се најдат на преговарачката маса. Сегашните и идните генерации нема да им простат ниту на Бугарија, ниту на Република
Северна Македонија, ако не најдат компромис што ќе даде перспектива, изјавил Борисов на средбата со Бучковски.

Како што соопшти Прес-службата на бугарската Влада, Борисов истакнал дека за изнаоѓање на одржливо и трајно решение за „преостанатите отворени прашања во билатералните односи“, потребен е „прагматичен, искрен и добронамерен пристап, изразен во конкретни активности“.

Според Борисов, за враќање на меѓусебната доверба ќе биде потребно стрикно исполнување на сите обврски преземени со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, склучен меѓу двете земји во 2017 година. – Бугарија отсекогаш ги почитувала евроатлантски вредности и затоа темата за европската перспектива на Западен Балкан ја ставаме на прво место за време на нашето претседавање со Советот на ЕУ, нагласи Борисов.

Според него, Бугарија досега вложила максимални напори за интеграција на земјите од Западен Балкан во НАТО и ЕУ, па во тој контекст како резултат на бугарската поддршка за европската иднина на Република Северна Македонија е потпишан и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вчера оствари средба со евроамбасадорот Дејвид Гир, на која, како што соопшти службата за информирање на партијата, му порачал на Гир дека не е европски Македонија да се условува за нејзиниот јазик, идентитет и историја, кои се дел од личната карта на еден народ.

-Македонија има право на своите идентитетски обележја, изјавил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средбата со претставникот на ЕУ во Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *