Предупредувачки протест на тутунарите во центарот на Прилеп

Со механизација, низи тутун и масовност низ центарот на Прилеп, самоиницијативна група тутунари од Прилепско денеска излезе на, како што рекоа, предупредувачки протест, незадоволни од досегашните цени при откупот кои се многу ниски и им го обезвреднуваат трудот.

Според Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на „групата македонски тутунари“, тие нема да го дадат тутунот за цената на една кутија цигари и по досегашната цена од 120-тина денари.

-Ние сме група македонски тутунари и самоиницијативно решивме ова да го покренеме. Нашата мака вреди една кутија цираги. Станување во 2 часот, целодневна работа, и сето вреди 100 денари. Се проценува во трета и во четврта класа, а одбитоците се 10 отсто. Луѓето одбиваат да го даваат, не можат да ги покријат ниту сопствените трошоци. Не чини 150, а ни го земаат за 120 денари килограм. Ова не може вака да биде и мора да се крене протест.  Одлучивме самоиницијативно, никакви политички партии зад нас не стојат. Ние сме Македонци, Албанци, Турци, муслимани, Роми, сите националности. Нас никој не не обедини. Не обедини маката. Затоа нема да останеме на ова, мора да се крене гласот, да се слушне. Веќе 20 дена има откуп. Овој период лани се откупија 10 000 тони. Изјавата на министерот за земјоделство дека сега е ковид-криза и е почеток, не е релевантна. Луѓето не носат тутун, одбиваат. За 120 денари го враќаат дома, изјави Мирчески.

Мирчески ги изнесе барањата на тутунарите. Се бара цената да не биде под 200 денари, да се цени реално според квалитетот. Побараа државата да најде начин да ги заштити.

-Нашите барања се: заштитна цена 200 денари. Под таа цена не може да го дадеме. Тој што сработил квалитетен тутун, да му се плати. Не бараме повеќе, туку да се плати според тоа што вреди. И да се откупи целокупниот род, не само спроед договорите. Некој има 1000 килограми, а договорот е за 800. Каде ќе го носи остатокот? Бидејќи е ковид-криза, властите нека го решат веднаш проблемот, а не да дозволат масовно да се собираме бидејќи ќе преземеме порадикални мерки. Маката нема да ја дадеме за ништо. Треба да се укинат четвртата и дополнителните класи, а другото да се цени според квалитетот. Државата мора да си најде механизам да не заштити. Од пратениците бараме под итно законски решенија да нѐ заштитат. Прилеп живее од тутунот, целото стопанство е поврзано, рече Мирчески.

Ова, велат тутунарите, е предупредувачки штрајк за да ги сфатат колку сме сериозни, најавувајќи од утре протести низ цела држава, секаде каде има тутунопроизводители.

Тутунопроизводителите Николче Петровски и Тони Ангелески инсистираат на реална процена и на поддршка од Сојузот на земјоделските здруженија.

-Имам произведено околу пет тони тутун. Тутунот не се плаќа и не се цени реално. Не може да биде со толку лош квлалитет. Немаше многу врнежи во годината за да биде родот расипан. Не може преку десет лисја да ја оцени цела кутија тутун. Со оваа цена, не се исплаќа да се произведува, изјави Петровски.

-Здружението не се грижи за нашите проблеми, а ние го плаќаме. При склучувањето договори, ни намалуваа количества, а Здружението (Сојузот на земјоделските здруженија) не реагираше. Најавија дека ќе ги повлечат претставниците на вагите при нереална процена и бараме да ни се придружат, рече производителот Ангелески.

Тутунарите протестираа низ булеварот „Гоце Делчев“ во Прилеп и пред зградата на локалната самоуправа.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *