Протести на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата и министерствата за надворешни работи и правда

Во организација на ВМРО-ДПМНЕ вечерва пред Владата и пред министерствата за надворешни работи и за правда се одржаа протести под мотото „Оставка за Заев, слобода за народот“.

Во обраќање на протестот пред Владата, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски побара оставка од премиерот Зоран Заев и специјалниот владин претставник за Бугарија, Владо Бучковски Владо Бучковски и, како што рече, „да престанат да ја распродаваат државата, да ги менуваат учебниците и историјата на Македонија“.

– Тука сме дојдени со една цел, да го спречиме ова што и се случува на Република Македонија. Отишле да преговараат и да договараат дека учебниците ќе се менувааат и дека ќе се менува историјата, хартијата трпи се, ама никогаш нема да можат да ги избришат жртвите, оние кои што ги дале животите во борбата против фашистичкиот окупатор. И тоа треба на сите да им биде јасно, нагласи Стојаноски.

Од протестот пред МНР, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски порача дека никогаш не ни помислувал оти некогаш ќе се протестира за еднаш изграден идентитет кој е пренесуван со децении.

– За некои работи не се преговара, за јазикот не се преговара, за идентитетот не се преговара, за македонските јунаци не се преговара, за промена на учебници не се преговара. Гоце Делчев е апостолот на македонското револуционерно дело, никогаш не се борел за големо бугарските интереси за освојување на Македонија и ширење на Бугарија, тој се борел за ослободување на Македонија. Тој е апостолот на македонското движење и најголемиот Македонец и од него не смееме да отстапиме, истакна Андоновски.

Според него, специјалниот владин претставник Бучковски, премиерот Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи сакаат да преговараат за работи за кои не се преговара.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи од пред Министерството за надворешни работи порача дека граѓаните треба да му се „спротивстават на Зоран Заев и неговите лоши политики и анационализам“.

– Политиките на Заев водат до губење на идентитет, јазик и историја. Ако тоа се изгуби се губи Македонија, рече Мизрахи.

Во обраќање на истиот протест пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски повика на обединување на сите граѓани против, како што рече, „штетните политики на Зоран Заев“.

– Зарем треба да дозволиме бугарска историја, да не го славиме 11 октомври кога се крена цел народ против фашизмот. Не е доволно само да протестираме, треба да ја шириме идејата и да му покажеме на Заев дека не може да си поигрува со македонската историја, затоа оставка за Заев, порача Петрушевски.

Во обраќање на протестот пред Министерство за правда, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски порача дека економијата „не била никогаш полоша, здравствениот систем секој ден капитулира, а образовниот систем е во жестока криза“.

Костовски го обвини премиерот Зоран Заев за „поигрување со македонскиот национален идентитет“.

– Ѓорѓи Димитров стана премиер на Бугарија непосредно по Втората светска војна, тој не само што не го доведе во прашање македонскиот национален идентитет, тој им ги даде сите права на Македонците во Пиринска Македонија. И пред се она суштествено право, право да се самоопределуваат како Македонци. Но, затоа денеска се најде условно кажано Македонец, Зоран Заев да си игра и да тргува со македонскиот национален идентитет, истакна Костовски.

На истиот протест актерот Тони Михајловски порача дека сега е време за сплотување и спротивставање на „предавникот Зоран Заев“.

– Јас сум Македонец, мојата земја е Македонија, јазикот кој го зборувам е македонски. Ова е еден од најцрните денови кои сме ги живееле, кога ни било забрането да зборуваме на македонски јазик и да се раѓаме као Македонци, рече Михајловски, додавајќи дека е време да се заборават ситните интереси и „да си подадеме рака без разлика на идеологиите, филозофиите, јазикот кој го зборуваме и да застанеме во одбрана на јазикот и држава“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *