Пендаровски и Заев не чувствуваат одговорност за блокадата од Бугарија, таа се базира на барања надвор од Договорот

Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, не чувствуваат одговорност поради блокадата на Бугарија. Според претседателот Пендаровски, блокадата се базира на барања на Софија надвор од Договорот за добрососедство, додека пак премиерот Заев рече дека целиот свет не гледа како Европејци со поглед кон иднината.

Пендаровски, на прес-конференција по завршување на Советот за безбедност, во одговор на новинарско прашање рече дека не чувствува одговорност за ветото кое е се поизвесно од Бугарија, затоа што не е договорено ништо ниту писмено, ниту усмено, надвор од Договорот за добрососедство.

– Да сме потпишале нешто надвор од тој договор, тогаш би можеле да барате одговорност. Не мора ни да барате, сами ќе си заминеме, рече Пендаровски.

Заев исто така рече оти не чувствува одговорност за блокадата на Бугарија. – Не чувствувам одговорност затоа што целиот свет знае да не пофали, знае да не награди и знае да го покаже тоа колку сме луѓе со поглед кон иднината, колку сме Европејци, и како тоа го правиме во европски манири, истакна премиерот.

На новинарско прашање дали се заострува реториката кон Бугарија, и Пендаровски и Заев децидни дека тоа не е случај.

– Не постои заострување на реториката или пак обид за тоа сега да се прикажеме како поголеми патриоти. Мојот став, како и ставот на премиерот и на ресорните министри, е дека не смееме да се спуштаме на уличарско ниво во разговорите со Бугарија, во разговорите со било кого. Ние во овој момент имаме добиено доверба од граѓаните да ја водиме оваа држава и не само овој спор. Мора  да покажеме не само географски, туку дека сме навистина европска држава која има демократска власт, која владее на демократски начин и која се изразува на европски начин, посочи Пендаровски.

 

Според него, тоа не е никаква понизност кон Бугарите или затоа што чекаме уште ден, недела, евентуално да се реши спорот на некаков начин иако, како што рече, шансите за тоа објективно се се се помали и помали.

– Меѓутоа, стилот, начинот на кој ние се однесуваме од кога ја имаме добиено довербата на граѓаните мислам дека на сите им кажува дека станува збор за сосема поинаков профил на политичари, а не за онакви кои сакаат да добијат ситни политички поени со тоа што ќе се покажат како поголеми Македонци, истакна претседателот, додавајќи дека не само овој момент, туку ниту еден момент не е добар на лажен патриотизам за правење политички рејтинг.

Премиерот Заев повика на креирање наратив што ќе не држи пријатели со соседите затоа што, посочи, европски е така, а ние бараме да го продолжиме нашиот пат кон Европската Унија.

– Продолжуваме со пријателска реторика – реторика на дијалог, не реторика на создавање конфликти. Со Бугарија имаме комуникација по сите нивоа, доминантно комуникацијата се одвива помеѓу двајцата министри за надворешни работи. Работат работни групи, под раководство на двајцата министри и негуваме надеж дека треба да направиме се до последен момент дека тоа е возможно, а тоа е некаде до почетокот на декември, се до можноста до одржувањето на првата меѓувладина конференција под раководство на германското претседателство, рече Заев.

Тој апелираше на воздржаност, затоа што, како што рече, ние сме пријатели со Бугарија.

– И колку и да е тешко и болно, ова што го чувствуваме како неправда. спрема нас, сепак треба да изнајдеме европско решение низ дијалог, низ инвентивност, низ разговор, разбирајќи се меѓусебе, за сопствените позиции. ние за бугарската, тие за нашата, македонска позиција, за да можеме да изнајдеме решение, истакна премиерот.

Во одговор на новинарско прашање дека Договорот со Бугарија е правна основа за блокадата на Софија, претседателот Пендаровски рече дека тоа не е точно, затоа што во договорот нема ниту една правна основа за блокада, затоа што бугарските барања со кои ние де факто сме блокирани ги нема во договорот.

– Бугарските барања во однос на некакви преговори, разговори, за нашиот идентиет или за нашиот македонски јазик, воопшто не се содржани во договоорт. Бугарската блокада се базира на барања што воопшто не се споменати, а не пак договорени во Договорот. Патем кажано, договорот како таков, е гласан и од опозицијата во 2018 година во македонскиот Парламент, истакна Пендаровски.

Тој појасни дека заедничка историја од Договорот, значи дека некои настани и некои личности во минатото, биле заеднички и ние можеме заеднички да ги чествуваме.

– Не постои друго научно, стручно или политичко објаснување дека под заедничка историја се подразбира само бугарската историја. Ниту само македонска историја. Ние имаме заедничка историја 50-60 години во поранешна Југославија со сите поранешни југословенски републики сега независни држави. Тоа е испреплетена историја во одредени сегменти на настани и личности. Се друго е наша македонска историја, се разбира има плејада бугарски јунаци и настани кои се нивна чест и гордост, меѓутоа има сегмент, не само помеѓу бугарскиот и македонскиот народ, туку и меѓу сите околни народи кои во еден дел таа историја била измешана… тоа значи во тој договор таа е фразата што се употребува, рече Пендаровски.

Претседателот истакна дека надвор од договорот се изјавите од одредени политичари дека се до 1945 година сме имале заедничка историјан со Бугарија.

– Она што одвреме навреме слушате од бугарска страна дека има некои луѓе, за жал и политичари кои тврдат дека се до 1945-та сме имале заедничка историја, дека ние немаме засебна историја, е надвор од памет и надвор од било каков европски принцип, и тоа не стои во договорот. Тоа е надвор од договорот, подвлече претседателот Пендаровски на прес-конференција по завршување на седницата на Советот за безбедност.