Ќе се воспостави Преспа Форум за дијалог, кандидатура на С Македонија за претседавање со ОБСЕ во 2023

Владата на 19 седница ја разгледа и усвои Информацијата за воспоставување на Преспа форум за дијалог, и го задолжи Министерството за надворешни работи за спроведување на сите активности за воспоставување на овој Форум и да ја организира Првата меѓународна конференција со наслов Преспа форум за дијалог во текот на 2021 година.

Како што соопштија од владината прес-служба, Форумот претставува платформа за добрососедство и решавање на билатерални прашања, но и форум од каде ќе произлезат нови иницијативи за регионална и меѓународна соработка.

-Форумот ќе претставува платформа за размена на мислења и искуства на кој што ќе се презентираат идеи за решавање на актуелни прашања и теми од регионален и меѓународен контекст. Форумот, секако ќе послужи и како можност за претставување на внатрешните и надворешно-политичките постигнувања на нашата држава и нејзиното искуство и предизвици во спроведувањето на трите договора, стои во соопштението.

Една од целите на оваа иницијатива, се додава, е форумот да стане своевиден бренд кој ќе придонесе за натамошна афирмација на Северна Македонија на меѓународен план.

На 19-тата седница, Владата ја разгледала и усвоила и Информацијата за Предлог за поднесување на кандидатура за претседавање на Република Северна Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа- ОБСЕ во 2023 година. При тоа го задолжи Министерството за надворешни работи да ја поднесе кандидатурата за претседавање на Република Северна Македонија на претстојниот Министерски состанок на ОБСЕ во Тирана, што ќе се одржи на 3 и 4 декември во рамки на Албанското претседавање, а со цел донесување на формална одлука за претседавањето како и да ги спроведе потребните дипломатски активности за обезбедување на позитивна одлука, стои во соопштението.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *