Дичев: Блокадата е во прилог на амбициите на Каракачанов и на некои ЕУ земји кои не сакаат проширување

Измислуваме некакви смешни причини за блокада на македонското членство заради амбициите на Красимир Каракачанов. Освен тоа, сега ја вршиме и валканата работа на некои западноевропски земји кои не сакаат повеќе проширување на ЕУ, вели Ивајло Дичев, професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија, во интервју за Радио „Фокус“.

– Се отвори прозорец, историска шанса, а што се случува? Измислуваме некакви смешни причини за блокирање на ова членство. Смешни, бидејќи тие главно се поврзани со политичките амбиции на г-дин Каракачанов, кој гледа дека му се намалуваат гласачите, и повторно наоѓа некаква историја со која треба да стане важен, да биде во центарот на вниманието. Јас лично, како и Македонците и Европјаните, не разбирам што точно бараме од Северна Македонија, вели Дичев.

Тој, како што пренесува Дојче веле, посочува дека иако Договорот за добрососедство има многу точки, сето внимание е насочено само кон една – историските прашања кои треба да ги решава заедничката комисија.

– По сите други прашања од овој договор – транспортните коридори, економската соработка, веќе и воена соработка може да имаме во рамките на НАТО, и културна и медиумска размена што е многу важно за приближување на два народа – ништо од ова не се случува! И, кој е виновен за ова? Тоа Македонците го блокираат или ние го блокираме, прашува Дичев.

Во однос на заедничката комисија, вели дека таа наместо да добие подолго време за да работи и истражува, добила политичко значење што е доста опасно.

– Познавам неколку луѓе во оваа Комисија кои се разумни луѓе, кои вообичаено не размислуваат многу поразлично од мене, но политичкиот момент е таков што немаат што да кажат. Нема како да се спротивстават на она што го прават, затоа што во моментот станува збор за опстанок на оваа луда коалиција што управува. Ако господинот Борисов, за кого исто така мислам дека добро ги разбира работите и мисли како мене, како нормалните луѓе во Европа, ако господинот Борисов се откаже од оваа војна што сме ја повеле, од владата ќе излезат оние лажни патриоти и владата ќе падне. Моментот е таков, политички, вели Дичев.

Токму затоа тој не гледа начин како бугарската влада може да излезе од сегашниот ќор-сокак. Ја смета за неприродна коалицијата меѓу проевропската ГЕРБ и антиевропските националисти.

„Оваа комбинација постојано произведува некои апсурди. Многу е тажно што од двете страни на границата има партии што го зедоа името ВМРО – ова минато херојско име на таа организација, и двете се борат со заби и нокти за да не разделат, за да ја утврдат таа граница меѓу нас. Тоа е апсурдот, вели Дичев.

На забелешката дека Бугарија ја остава отворена вратата, а додека трае процесот на преговори за европско членство треба да се побара историско и јазично зближување на Балканот, Дичев прашува: „Како точно си го замислувате историското зближување? Што да се случи? Да излезат сите Македонци на плоштад и да почнат да викаат ‘Гоце Делчев е Бугарин’“?

Тој укажува дека постои еден важен проблем во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, а тоа е проблемот со малцинствата.

-Ова е сериозно прашање што треба да се реши: или во двете земји има малцинства од соседните земји, или ги нема и во двете, вели Дичев.

Според него, Германија е единствената земја што сака конечно да се решат прашањата со Балканот.

– Тоа што ние го правиме сега – ја вршиме валканата работа на некои западноевропски земји кои не сакаат повеќе проширување на ЕУ. Тоа се земји како Холандија, како Франција, кои многу се радуваат што некој ќе најде некој повод за да ги запре новите кандидати. Ние не ја запираме само Македонија, ја запираме и Албанија, која е исто така важна земја за Балканот. Но, многу земји од ЕУ не сакаат повеќе проширување и ние им правиме многу добра услуга, кога ги запираме кон ЕУ нашите братучеди и нашите пријатели во Северна Македонија и Албанија, наведува Дичев.

Решението на проблемот го гледа во пренасочување на фокусот од историјата (да се остави повеќе време тие прашања да бидат решавани) и целата енергија да се насочи кон транспортот, железничката и патна линија Скопје -Софија, економијата, медиумите, културата образованието…

– Не е ли тоа поважно, отколку – што бил Самуил? Тоа е нешто што ќе го смени односот на менталитетите преку современи активности, а не со копање по минатото. Минатото нема да се промени, тоа е таму, се случило. Енергиите треба да бидат насочени кон важните работи. Да го заборавиме овој чад што го креваат политичарите, порачува Ивајло Дичев.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *