Заев: Се обединуваме околу заедничките интереси во регионот во рамки на Берлинскиот процес

Премиерот Зоран Заев преку интернет конференциска врска денеска учествуваше на регионалниот форум за млади лидери, во организација на Европското движење во Србија од Нови Сад, посветен на регионалната економска соработка со посебен осврт на решенија за поврзување на државите во услови на пандемија, соопшти владината прес-служба.

Заев во дебатата на која учествуваa и претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама, потенцира дека повеќе од било кога пандемијата со коронавирусот покажала дека сè во регионот е врзан систем – инфраструктурата, економијата, еколошките системи, па дури и политичките системи. Кризи како оваа, посочил, се лакмус тест за состојбите во едно општество, што е силно, а што е слабо во него.

-Во услови на криза нашите држави работат и сме во постојана комуникација помеѓу себе. Координираните одговори на најголемите предизвици кои се исправија пред нас донесоа и придобивки. Ја зајакнавме постоечката соработка, покажавме висок степен на солидарност и капацитет на носење одлуки за граѓаните на нашите земји. Младите мора да бидат дел од овие процеси. Потребна ни е нивната креативност, потребна ни е нивната енергија и капацитет да ги согледуваат пречките како можности, затоа што во нив ги полагаме сите надежи дека ќе успеат да ги финишираат сите интеграциски процеси кои сме ги отпочнале пред неколку декади, истакна Заев.

Премиерот Заев подвлече и дека образованието и зголемувањето на компетенциите на младите се клучни за понатамошен напредок.

-Сведоци сме на зголемена миграција и на нејзе треба да гледаме како двонасочна улица. Сакаме и создаваме можности за оние кои заминале да се вратат, да може во својата држава да ги користат новите вештини кои ги научиле. Слободното движење на луѓе е цивилизациска придобивка која треба да ја негуваме постојано, потенцира премиерот Заев.

На дебатата се разговараше и беа презентирани заедничките заклучоци кои тројцата лидери ги дискутираа на трилатералната средба минатиот петок во рамките на обновената иницијатива за регионална соработка.

Оваа година Северна Македонија заедно со Бугарија ко-претседава со Берлинскиот процес, чиј самит следува следната недела.

-Градиме соработка преку која ги разговараме, унапредуваме и конечно се обединуваме околу позициите каде што имаме заеднички интерес како регион во рамките на Берлинскиот процес, беше заедничката порака до младите од страна на Вучиќ, Рама и Заев, се вели во соопштението од владината прес-служба.