Заев изрази надеж дека оваа поддршка ќе се формализира и со усвојување на Рамката за преговори на почетокот на идниот месец, по што ќе следува и првата меѓувладина конференција до крајот на годината.
– Одржувањето на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија и ЕУ ќе испрати позитивен сигнал и до регионот и ќе ја потврди европската перспектива на Западен Балкан како гео-стратешки интерес на Европската унија, потенцираше премиерот Заев на онлајн средбата со високиот претставник и потпретседател на Европската Комисија Жосеп Борел.
Северна Македонија останува посветена на негување на добрососедските односи со континуирана имплементација на Договорот од Преспа и на Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија кои донесоа нова енергија и придонесоа за обновување на интензитетот за проширување на ЕУ со земјите од регионот.
Заев истакна и дека новата коалициска влада и сите институции се целосно функционални и посветени на континуитетот на реформите и на остварувањето на резултати од владеењето на правото и на борбата против организираниот криминал и корупцијата како најголем приоритет.
– Постигнатите важни резултати во зајакнувањето на независноста на судството, донесувањето на Законот за јавно обвинителство, како и резултатите од истрагите и конечни пресуди за случаи на корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво, се регистрирани и во годишниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија, и понатаму ќе бидат наш фокус со отворена покана за вклучување на опозицијата во Парламентот, како и низ дијалог со граѓанското општество и нашите меѓународните партнери, е истакнато од македонска страна во онлајн разговорите со Борел.
На онлајн средбата како исклучително значаен е оценет Економскиот и Инвестициски план за Западен Балкан, кој е од голема важност за поддршка на развојот на приватниот сектор, транспортното и енергетско поврзување, дигитализацијата, зелената агенда и социјалните инвестиции во регионот.
Цврстата заедничка поврзаност на ЕУ со Република Северна Македонија, рече премиерот Заев на онлајн средбата со Борел, се потврди и во поддршката на земјата во заеднички одговор за справување со последиците од КОВИД-19 и придонесе за зацврстување на врските со ЕУ.
Високиот претставник за надворешна политика и за безбедност, и потпретседател на Европската Комисија Жосеп Борел, истакна за Брисел е исклучително значајно што продолжува интензивната соработка со влада која е докажано посветена на интегративниот процес на Северна Македонија во ЕУ, и дека очекува колку што е можно поскоро одржување на првата меѓувладина конференција за, како што посочил, заедничко градење на иднината.