Берлин и Брисел очекуваат старт на преговорите до крајот на годината, се чека ставот на Софија

Северна Македонија да ги почне преговорите за пристапување во ЕУ до крајот на годината очекуваат официјален Берлин и Брисел.

Германската амбасадорка Анке Холштајн вчера изјави дека во однос на процесот на проширување јасна цел на германското претседателство со ЕУ е да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годината и оцени дека ќе биде неуспех ако тоа не се случи.

– Во март сите земји членки дадоа зелено светло за почеток на преговорите и отворање на пристапни преговори за членство со Северна Македонија. Работиме напорно да се одржи меѓувладината конференција и ние сме оптимисти дека ќе успееме да ја достигнеме оваа цел, изјави Холштајн која заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир и вицепремиерот Никола Димитров зборуваа на онлајн промотивен настан за проектот „Промовирање на заеднички вредности низ Европа”, во организација на Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Берлинскиот процес, според неа, во голема мера го олеснува овој процес и изрази уверување дека ќе има конструктивна атмосфера и во ноември за време на заедничкото македонско-бугарско ко-претседателство со самитот во Софија.

– Ова е важен датум за заокружување на агендата во декември. Согласно правилата и процедурите, 10-ти ноември е последна шанса за прифаќање на преговарачката рамка и ќе направиме се за ова да се оствари, истакна Холштајн.

Евроамбасадорот Гир, од својата страна, посочува дека одлуката за отворање на преговорите е донесена во март и сега дискусиите за преговарачката рамка продолжуваат во Брисел.

– Се надевам дека договорот ќе биде постигнат до крајот на годината, вели Гир.

Вицепремиерот за европски прашања Димитров, исто така, изрази уверување дека и Брисел и Берлин ја препознаваат шансата.

– Во март имавме безусловна одлука да почнеме преговори и мислам дека ќе биде добро за сите нас, и за ЕУ, и за сите наши соседи тоа да се случи во декември за конечно да добиеме целосен пристап до алатката за пристапниот процес, изјави Димитров.

Главна пречка е позицијата на Софија која преку појаснувачки меморандум испратен до членките на ЕУ го спори македонскиот идентитет и јазик. Темата за преговарачката рамка за Северна Македонија вчера по прв пат се најде на дневен ред на амбасадорите на земјите членки на ЕУ, откако неколку недели се пеглаа ставовите на експертско ниво.. Како што јави дописничката на МИА од Брисел, бугарскиот амбасадор ја изложил бугарската позиција околу усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија, нагласувајќи дека Софија го оспорува краткото име на земјата (Бугарија смета дека земјата треба да се нарекува Република Северна Македонија во официјална комуникација, а не Северна Македонија) како и ословувањето на јазикот како македонски.

Според дипломатите присутни на амбасадорскиот совет во Брисел, ниедна земја членка не ја поддржува позицијата на Софија, бидејќи е вон надлежностите на ЕУ и мора да се реши билатерално. Но, потсетуваат дипломатите, правото на вето во Унијата на овие теми е засега неприкосновено, и Бугарија, доколку одлучи може да го блокира усвојувањето на рамката. Се забележува и поинтензивна дипломатска активност од страна на самите земји членки помеѓу Софија и Скопје, меѓу другото од страна на германската и австриската влада, кои се обидуваат да го помогнат изнаоѓањето заеднички прифатливо решение.

Амбасадорите  на прашањето за преговарачката рамка ќе се навратат идната недела повторно, со надеж дека ќе има веќе некаков напредок дотогаш помеѓу двете страни, но потсетуваат дека одредени земји членки на ЕУ имаат забелешки на други теми поврзани за реформата на методологијата на преговарачкиот процес.

Во меѓувреме, со нова провокативна изјава се јави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов. Кажа дека е подготвен да испрати инженерски полк за да ги отстрани спомениците и спомен плочите во С. Македонија на кои што пишува „бугарски фашистички окупатор“. Вели дека за Скопје да ги почне преговорите во декември е да се откаже од тие споменици и плочи.

Изјавата на Каракачанов македонските власти ја оценија како недолична и недостојна, со уверување дека тоа не е став на тамошната јавност и на граѓаните.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска коментирајќи ја изјавата истакна дека поминало времето кога министри за одбрана во регонов даваат изјави, како таа што ја изнесе бугарскиот министер за одбрана Каракачанов, а некој да ги смета за сериозни и оти таквиот начин на комуникација не доликува на земји-членки на НАТО. Таа потенцира дека ќе продолжи да ги испраќа истите пораки што се испраќани изминатите години, дека „нашите граѓани не плаќаат и очекуваат да им обезбедиме безбедност, а таа безбедност зависи од добрососедските односи“.

Поддршката за старт на преговорите со ЕУ Софија ги услови со напредок во работата на Мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања. Македонските и бугарските историчари минатата недела во Скопје по пауза од речиси една година повторно седнаа на маса, два дена разговора, а според изјавите на копретседателите на Комисијата по состанокот Драги Ѓоргиев и Ангел Димиров постигнат е мал напредок, но не и во однос на Гоце Делчев. По, средбата беше посочено дека има некои предлози и идеи, но тие побараа трпение со што помалку емоции и тензии, со најава за нова средба во Софија до крајот на годинава.

Последниот состанок за усогласување на преговарачката рамка треба да го одржи Советот за општи работи на ЕУ на 10 ноември во Брисел, што се совпаѓа со одржувањето на самитот на Берлинскиот процес во Софија со кој ќе копретседаваат С Македонија и БугаријаНа почетокот на ноември во Софија најавена е средба на премиерот Зоран Заев со неговиот бугарски колега Бојко Борисов на која се очекува да бидат надминати недоразбирањата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *