Новите ковид рестрикции на стендбај во Собранието

Почна примената на последните анти-ковид мерки што ги усвои Владата, но засега останува неизвесно кога ќе бидат донесени предложените измени на Законот за заштита на населението од заразни болести со кои треба да се овозможи воведување и на дополнителни рестрикции за справување со К овид-19, меѓу кои и за задолжително носење маски на отворено, забрана за групирање надвор по 22 часот и ограничување на семејните собири.

Владата апелира до опозицијата за поскоро носење на измените на Законот, имајќи ја предвид состојбата со ширењето на коронавирусот во земјата. Ја обвинуваат за неконструктивност и за собирање дневно-политички поени што директно го загрозува здравјето на населението.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговараат дека во предложените законски измени нема конкретни мерки за борба против пандемијата. Сепак, велат дека иако не се задоволни од предлогот, нема да го блокираат донесувањето на законот во Собранието.

.Пратеникот Антонијо Милошоски вчера на прес-конференција забележа дека во законот нема мерка за зајакнување на капацитетите на институциите кои вршат КОВИД тестови, нема мерка за поевтино тестирање на ризичните групи на население како пензионери или хронично болни, ниту за пошироко тестирање во позагрозените општини како што се Скопје, Прилеп, Струмица, Тетово и други градови.

Објаснувајќи за тоа како ќе постапат во собраниската седница, Милошоски посочи дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржат законските измени, но ќе присуствуваат на собраниска седница со што ќе му овозможат кворум на парламентарното мнозинство за да ги донесе.

Од ВМРО-ДМПНЕ бараат да се формира нова Специјална државна комисија за борба против пандемијата, која ќе брои 11 члена.

– По функција тука би биле министерот за здравство и директорот за Центарот за управување со кризи, а внатре би членувале специјалисти инфектолози 3 членови, епидемиолози 2 членови, микробиолози 2 членови имунолог еден член и специјалист интернист еден член. На наше разочарување оваа идеја и предлог не беа прифатени од министерот за здравство, рече Милошоски.

Предогот за распуштање на сегашната Комисија за заразни блести и формирање нова, не е прифатлив за  министерот за здравство Венко Филипче, кој го оцени како начин на опозицијата да прикаже наводна грижа и конструктивност, а всушност предлогот е целосно неиздржан.

– Во Комисијата за заразни болести членуваат врвни професионалци, експерти во својата област. Од почетокот на кризата, сите одлуки, препораки и мерки на Комисијата се носат врз издржани епидемиолошки анализи и единство во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните. Најостро реагирам на повторниот обид на ВМРО-ДПМНЕ за блокада на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести и новите мерки за превенција од понатамошно ширење на вирусот. Ова е смислен и тенденциозен обид за дневно-политички поени кој директно го загрозува здравјето на населението, вели Филипче.

Воедно, упати критика до ВМРО-ДПМНЕ дека од почетокот на ковид кризата во државата тие делуват неконструктивно кон сите кои даваат максимални напори во справување со вирусот во земјата.

Тој повика на разум и одговорност и јавното здравје да се стави над партиските интереси. – Вирусот не чека, мерките мора да се донесат во најкус можен рок, истакна Филипче.

Дебатата во Собранието за носење на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести требаше да почне завчера, не не беа ставени на дневен ред на седницата откако опозицијата побара време да ги разгледа.

Додека се водат преговори кога ќе биде закажена собраниската седница за ова прашање, од синоќа стапија во сила новите анти-ковид мерки донесени на последната седница на Владата. Со нив се предвидува угостителските објекти да работат до 23 часот, државната администрација да го организира работењето од дома или во смени, а капацитетот на јавниот превоз да се ограничи за 50 отсто.