Армијата се подмладува – нови питомци на Воената академија, нови потпоручници во единиците

Дваесет и седум потпоручници кои го завршија своето образование на Воената академија од денеска се новите офицери во Армијата на Република Северна Македонија и вооружените сили на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Денеска на Воената академија освен промоцијата на потпоручниците, примени беа и нови 40 питомци, кои со давањето на свечената заклетва го започнаа своето четиригодишно воено образование.

 

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на овие две класи им честиташе што одбрале професија која е високо ценета, угледна и благородна и изрази убеденост дека со својата работа овие сегашни и идни офицери ќе ја заслужат високата доверба која граѓаните ја имаат во Армијата.

 

„Дваесеттата класа питомци кои денеска го добиваат својот прв офицерски чин покажа колкава е вредноста на Воената академија не само за нас, туку и за нашиот регион, а преку нашиот регион и за НАТО – Алијансата. 30-тина проценти од оваа класа се школувани за потребите на вооружените сили на регионот“, рече министерката. Таа на потпоручниците им порача дека изминатиот период беа направени големи чекори напред и дека во нашата земја во тек се суштински процеси за опремување, трансформација и модернизација. „Ќе продолжиме да работиме, резултатите од вашата работа да бидат по видливи, вашиот стандард повисок, но се ова е возможно со заеднички напор. Дајте сè од себе, помогнете ни да бидеме подобри и поефикасни. Бидете целосно фокусирани, посветени и мотивирани во вашите задачи затоа што само така се достигнува врвот“, рече Шекеринска.

 

На ново-примените 40 питомци, кои се и првата класа кои го започнуваат военото образовани во нашата земја како полноправна членка на НАТО, министерката им порача дека во следните четири години ја научат тежината и одговорноста, но и благородноста на униформата.

 

„За вас, навистина само небото нека биде граница. Искористете го знаењето, вештините и искуството на вашите предавачи и професори. Грабете напред и немојте да ја изгубите жедта за знаење. Секоја секунда помината на оваа Академија учете како да се биде подобар офицер, затоа што таа посветеност е состојката за секоја успешна кариера“, истакна министерката.

 

На свеченоста беа наградени тројцата прворангирани потпоручници, Биљана Дуловиќ од Црна Гора и Гоце Софески и Филип Младеновски од Северна Македонија, а плакета им беше доделена и на професорите на Воената академија кои годинава заминуваат во пензија.

 

Потпоручничката Дуловиќ на младите питомци им порача: „Ја облековме униформата и од тогаш сите навики од порано ги заменивме со нови. Организирани, временски ограничени во рамките на распоредот и со тоа станавме питомци, станавме свесни за важноста на времето. Тогаш за прв пат бевме горди сами на себе. Тука заедно стануваме, работиме се смееме и тагуваме. Ние правејќи го тоа имавме прилика без зборови да препознаеме кога некој е изморен, тажен, среќен или пак гладен. Само кога ќе успеете како нас од 27 различни луѓе карактери, однесување и желби да бидете целина, семејство во кое секој ќе подаде рака на оној кој има потреба од неа, ќе стигнете до целта и сите во ист чекор ќе станете офицери“.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *