Во Велес протест на ОК на ВМРО-ДПМНЕ со автомобили

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Велес вечерва организира мирен протест со автомобили придржувајќи се кон сите протоколи за заштита од Ковид-19. Протестот започна пред „Туш“ па низ главната градска улица до центарот на градот кај споменикот на Коњаникот, кружно назад до седиштето на Општина Велес.

Таму на присутните им се обрати Игор Здравковски, претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Велес, кој информира дека протестот е поради две причини. Првата, како што наведе, е против криминалот, корупцијата и реваншизмот, а втората, што токму денеска се навршуваат три години од преземањето на локалната власт од страна на СДСМ во Општина Велес.

Тој рече дека во последните години се сведоци на континуирани напади врз опозицијата од страна на локалната и централната власт, обвинувања за наводни криминали, наместени судски процеси и прераспоредување на работни места исклучиво на нивни членови кои се неистомисленици со владеачката структира. Истовремено обвини за брутална партизација на државната и јавна администрација и отворање и водење на судски постапки кои, како што рече, се однапред со познати завршници.

Тој ја обвини Општината предводена од градоначалникот, советниците и претставниците на локалните институции дека се однесуваат како опозиција.

Во своето обраќање до присутните, Здравковски обвини дека администрацијата не успеала да оствари ниту десет проценти за подобар живот и, како што наведе, Општината нема ништо реализирано од тоа што го ветувала за подобрување на инфраструктурата.

Тој потенцира дека државата ги одбива сите амандмани кои се поднесени во Собранието, а се однесуваат дирекно на Велес и велешко, и според него впечатокот е дека некој сака да го згасне Велес како град на прогресивна мисла, култура и град со огромна традиција.

Обвини дека секојдневно има страшен притисок и обиди да се замолчат неистомислениците преку, како што наведе, вршење мобинг, отворање на беспредметни предмети во Јавното обвинителство и донесување одлуки во склад со власта.

– Овој мобинг мора да престане. Оваа безидејност мора да запре. Овој терор и узурпација на институциите мора да го снема. Велес заслужува подобро, Велес заслужува повеќе. Велес мора да се врати на мапата на развојот и мора да почне да се развива. Со тоа ние мораме да им дадеме шанса на идните генерации да имаат достоен живот, порача Здравковски.

Тој најави дека од денеска истекуваат помалку од 365 денови до новите локални избори, со кои, како што рече, иде нова ера за Велес во која „градот ќе го вратат на патот на просперитетот и успехот“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *