Засилени дебати и во Северна Македонија и во Бугарија изминатите денови, по бугарскиот појаснувачки меморандум, во кој меѓудругото се негираат македонскиот јазик и македонската нација, но и по средбата во Софија меѓу министрите за надворешни работи Бујар Османи и Екатерина Захариева, на која биле потврдени бугарските позиции.
Се отвори прашањето за тоа колку добрососедството навистина се применува во пракса, но и прашањето за одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија, која според прогнозите треба да се случи во декември.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера нагласи дека Договорот што го потпишавме со Бугарија, не беше само договор за решавање на проблемите, туку и градење на доверба и на добрососедски односи.
-Ние вложуваме во тие добрососедски односи и очекуваме тоа да го направи и Бугарија. Дефинитивно одлуките што ќе се носат до крајот на годината ќе влијаат позитивно или негативно на тие односи и тоа нема да бидат само нашите билатерални односи, туку ќе влијаат на регионот. Очекуваме токму државите што ги отвораа вратите, сега да ја покажат истата волја, интерес и желба да помогнат регионот да тргне напред, порача вчера Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање дали се остварени некакви контакти со Бугарија и дали е оптимист за одржување на првата Меѓувладина конференција.
Шекеринска напомена дека со нејзиниот бугарски колега Красимир Каракачанов има теми околу кои не се согласуваат и најверојатно нема да се согласат, „но има една тема околу која и двајцата сме платени и избрани да ги сработиме, а тоа е регионот во кој живеме да биде стабилен и безбеден“.
– И нашиот влог кон таа стабилност и безбедност мора да биде добрососедството, мора да биде решавање на проблемите и обично резултатите од таа работа се подобри ако разговараме со аргументи за да се најде решение, не со емоции и со обид да се наметне решение. Ние ќе продолжиме така да функционираме како Влада, ќе продолжиме така да се претставуваме како држава и на тој начин ќе ги решаваме прашањата, изјави Шекеринска.
Вчера на темата се осврна и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој во интервју за Канал 5 нагласи дека проблемот кој го имаме со Бугарија, не е само со Гоце Делчев, туку има низа проблеми, кои, како што рече треба внимателно да ги следиме и да реагираме.
Тој вчера рече и дека Захариева побарала од Османи нов договор, сличен на Преспанскиот со уставни измени, со кој ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 година до денес.
– Еве ќе ви дадам уште една ексклузивна информација. Да го прашаме министерот за надворешни работи Бујар Османи дали е точно дека барањето од страна на неговата колешка (Захариева) било практично да се потпише нов договор кој ќе биде сличен на Преспанскиот со уставни измени, каде ќе се дефинира постоењето на македонската нација и јазик од 1945 наваму, а пред 1945 дека сме биле нешто друго. Еве да го прашаме дали ова е точно и дали е ова услов за понатамошно продолжување на преговорите, истакна Мицкоски.
Според Мицкоски, Заев во 2016 година им ветил на бугарски политичари дека „се ќе признае, само Бугарите да му дадат поддршка и да биде премиер“.
Дебатата особено се зајакна по изјавата на премиерот Зоран Заев во неделата во која барањата на Софија ги оцени како неевропски. Заев рече дека за време на посетата минатата недела во Софија на министерот за надворешни работи Бујар Османи во разговорите со министерката Екатерина Захариева му биле изнесени предлози, за кои рече дека не се ниту добрососедски, ниту европски.
– И ако тоа така остане треба да го подготвиме нашиот македонски народ дека може да не отпочне првата меѓувладина конференција која што ја очекуваме во декември. Но јас верувам дека тоа не е став на премиерот Борисов, мојот пријател и брат, верувам дека тоа не е став ни на бугарскиот народ. Ние ќе направиме се во овие претстојни денови да изнајдеме решение, порача Заев.
Реакции за последните случувања ситгнуваат и од Софија и пошироко, а според некои оценки, Бугарија ќе биде притисната да не го блокира евроинтегративниот процес на Северна Македонија, бидејќи за тоа најголема поддршка ќе даде официјален Берлин.
Милен Керемедчиев, поранешен бугарски заменик-министер за внатрешни работи смета дека последната изјава на Заев е упатена до Германија.
– Зборовите на Заев се повик за помош. Тој повик е упатен кон Германија и лично кон госпоѓата Меркел. Канцеларката, напуштајќи ја својата позиција и тронот на лидерството во ЕУ сака да го заврши своето владеење со лепеза од успеси. Во секој случај Германија сака до крајот на годината да добие некакви конкретни чекори во однос на Северна Македонија, додаде Керемедчиев. Според него, притисокот врз Бугарија ќе се зголеми и оваа реторика е логичен дел од тој притисок.
Сузан Шуц, директорка за Југоисточна Европа, Турција и земјите од ЕФТА во германското Министерство за надворешни работи, пак, изјави дека решавањето на проблемите на Западен Балкан повеќе не може да се одложува, дека времето е многу важен фактор и дека е важно да се работи на воспоставување на владеење на правото и на примена на законите.
Шуц од Берлин, вклучувајќи се на онлајн конференцијата „Две децении од почетокот на нормализација на односите меѓу дејтонската четворка“, вчера порача дека регионот е приоритет за Германија, како и членството на земјите од регионот во ЕУ и економскиот инвестициски план кој ќе биде приоритет во наредниот период.
– Постигнавме многу во изминатите 20 години, Словенија и Хрватска се членки на Унијата, Црна Гора и Србија преговараат за пристап, а Северна Македонија и Албанија во март добија зелено светло да започнат преговори. Се надеваме дека до крајот на годината и германското претседателство со Унијата ќе ги имаме првите меѓувладини конференции, изјави Шуц.
Таа оцени дека односите меѓу Северна Македонија и Бугарија се „многу сложени и комплицирани“, а што се однесува до Албанија, постојат голем број услови кои мора да бидат исполнети.
Бугарската експертска фела меѓу другото смета дека евентуално вето од Софија на преговорите на Северна Македонија би било апсурдно бидејќи е спротивно на официјално декларираната политика на Бугарија за поддршка на евроинтеграциите на Западен Балкан. Вчера бугарски аналитичари излегоа и со став дека е забележано зголемување на антибугарската реторика во земјава и оти во тоа удел има Русија.
– Преку Србија минуваат руските интереси во регионот. Гледаме дека во Србија и Северна Македонија се зголемува антибугарската реторика – руските служби имаат удел во тоа, истакна вчера Керемедчиев.
Меѓународниот аналитичар Николај Крастев, пак, додаде дека руските и белградските интереси се совпаѓаат во однос на Северна Македонија. Според него, зголемувањето на антибугарската реторика во последно време е загрижувачка.
– Пред две години Бугарија стори се што можеше да го посвети своето претседателство со ЕУ на проширувањето кон Западен Балкан и особено кон Северна Македонија. Не Владата во Скопје, туку опозициската ВМРО-ДПМНЕ стои зад прашањето со македонското малцинство во Бугарија и на тој начин е против духот на Договорот меѓу Софија и Скопје, разгорувајќи нови националистички страсти на таа тема, вели Крастев. Според него, политиката на ВМРО-ДПМНЕ е проруска и води до самоизолација на Северна Македонија.
Вчера се огласи и бугарскиот универзитетски професор Михаил Иванов, кој беше советник за етнички и религиозни прашања на поранешниот претседател Жељу Желев во чиј мандат Бугарија ја призна Македонија како држава. Според него, Софија треба ја смени својата позиција и начинот на размислување во однос на Скопје.
Иванов вели дека се прави обид визијата на одредена група историчари да се наметне како политичка позиција.
– Тоа не е коректно и не е правилниот пат. Голем број истакнати бугарски историчари не размислуваат како историчарите во заедничката комисија утврдена со Договорот за добрососедство. Во меморандумот за објаснување, кој беше пренесен главно преку странски медиуми, се вели дека Северна Македонија мора да се раздели со тоталитарното минато на Југославија. Но, исто така, мора и ние да се разделиме со нашето тоталитарно минато, со нашиот начин на размислување. Треба да се направи детална анализа на ситуацијата. Не би сакал тоа што се прави да биде на штета на бугарскиот дух, култура и меморија, изјави Иванов, кој е дел од групата бугарски интелектуалци и научници кои неодамна со заедничко писмо се спротивставија на официјалната позиција на Бугарија во однос на историјата и на ставовите за Северна Македонија содржани во меморандумот испратен до членките на ЕУ со кои се оспорува македонскиот јазик и идентитет.
Според него, бугарските историчари од комисијата не прават разлика меѓу етничка и граѓанска нација, исто така, и меѓу етничка и политичка нација.
Во меѓувреме, по пауза од речиси една година, нова средба на Заедничката експертска македонско-бугарска комисија за историски прашања е закажана за утре и задутре во Скопје.
Од средбата минатата недела во Софија Османи и Захариева изразија очекување дека Комисијата ќе ја забрза работата и дека ќе успее да испорача резултати пред 10 ноември, кога во Софија треба да се одржи самит на Берлинскиот процес со кој копретседаваат двете земји. Посетата на Османи на Софија, беше најавена како претходница на средбата на премиерите на двете држави Заев и Борисов за која се уште не е утрден датум, но треба да се случи пред 10 ноември.
This article had me laughing and learning! For additional insights, check out: EXPLORE NOW. Any thoughts?