Мицкоски на средба со Вархеји

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средба со комесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји искажал загриженост за слабостите и злоупотребите на механизмите и институциите од страна на власта, како и за слабостите и недоволното справување со корупцијата која е распространета во сите области.

Лидерот на опозициската партија, како што се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, искажал загриженост и за злоупотребата на носење закони по скратена постапка со европско знаменце како и слабиот напредок во подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на загаденоста.

-Опозицијата и во минатото укажуваше дека европското знаменце и брзите постапки беа злоупотребувани од мнозинството на власт во десетици наврати како за носење закони за фабрики за марихуана, како и за закони за правосудството, се посочува во соопштението од средбата.

Мицкоски посочил дека власта не знае да се справи со КОВИД-19 и поради нивната неспособност бројoт на заразени и починати е на многу високо ниво. Во врска со пандемијата, според него, не се презема ништо и како на здравствен, така и на економски план.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ укажа и на политичката состојба во која се наоѓа државата каде, како што се наведува, криминалот, корупцијата се многу застапени и дека има селективно владеење на правото. Исто така тој кажал дека власта дели тендери на лица кои се блиски до власта и за тоа никој не одговара.

На средбата, Мицкоски и Вархеји размениле мислења и за актуелните случувања и состојби во регионот.

Било истакнато дека е потребно да се изнајде најдобар начин за да се остварат приоритетите кои ќе придонесат кон менување на пејзажот на регионот на полето на економијата и Македонија да стане ефективно подрачје во кое ќе се инвестира и ќе се подобрат условите за живот на луѓето кои живеат овде во поглед на јавното здравје, поврзаноста, достапноста на дигиталните алатки за кои и ЕУ е подготвена за нивно заедничко спроведување.

На средбата Мицкоски посочил дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија има јасни и конкретни политики кои ќе ја изнесат Република Македонија на прав пат, како и ќе имаат влијание на членството во Европската унија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на средбата со комесарот за соседство и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји бил заедно со потпретседателот Александар Николоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *