Законот за спречување и заштита од дискриминација влезе во собраниска процедура

Собраниската Комисија за европски прашања денеска во прво читање го разгледа и даде поддршка за Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, со кој треба да се обезбеди принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи, а во Собранието влезе со европско знаменце.

Со законот се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.

-Апелирам законот да биде донесен ден поскоро, бидејќи можеби за нас е само законско решение, дел од нашите работни задачи, но за некои граѓани во државата е прашање на судбина, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во образоложението на законот.

Законот, рече таа, претходно поминал долг процес на усогласување во општеството со НВО, а било добиено и позитивно мислење од Венецијанската комисија и оти забелешките на Комисијата биле вградени во него. Како таков бил усвоен во Собранието, по што не бил потпишан од тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Откако бил вратен во Собрание тој бил донесен повторно, но во мај годинава беше укинат од Уставниот суд поради тоа што не бил усвоен со потребно мнозинство од 61 пратеник.

Законот, потенцира Шахпаска, е од суштинска важност за сите граѓани и нивна заштита од дискриминација, но исто така е важно и во процесот на почеток на преговори со ЕУ и усогласување на правото на Еропската унија.

-Република Северна Македонија е современа социјална и демократска држава во која сите граѓани се еднакви пред законите. Една од темелните вредности на уставниот поредок меѓу дугото е почитување на демократските принципи и човековите права. Во член 9 од Уставот е утврдено дека сите граѓани во државата се еднакви во слободите и правата независно од нивниот пол, раса, боја на кожа, образование, национално и социјално потекло, политичко и верско уверување, како и општествена и имотната состојба. Оттука произлегува уставната основа за донесување на овој закон, рече Шахпаска.

Ова законско решение должни се да го почитуваат сите правни и физички лица, државни органи, единиците на локалната самоуправа, правните лица со јавни овластувања во сите сфери на општественото живеење. Законот, рече министерката, ги дефинира облиците за дискриминација согласно меѓународните стандарди.

Согласно предлогот што е во собраниска процедура, Комисијата треба да биде составена од седум члена кои ги избира и ги разрешува Собранието на Република Северна Македонија. Членовите на Комисијата се избираат со мандат од пет години, со право на уште еден последователен повторен избор. При изборот на првиот состав на Комисијата согласно овој закон, четири члена се избираат со мандат од пет години, а три члена со мандат од три години, со право на уште еден последователен повторен избор. Од редот на членовите избрани во ставот на овој член, Комисијата избира претседател со мандат од една година, без право на повторен избор. Членовите на Комисијата треба да го одразуваат составот на општеството во целина и при изборот на членовите на Комисијата се применуваат принципите за соодветна застапеност на сите општествени групи, начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и родово балансирано учество.

На комисиската расправа опозициските пратеници рекоа дека се согласуваат со потребата да се донесе овој закон, но најавија дека во амандманската расправа во второто читање на законот ќе поднесат амандмани, кои како што рекоа, ќе го подобрат решението во делот на основите за дискриминација, но особено во делот на избор на комисијата со цел да се формира ефинаско тело за заштита на гражаните од дискриминација.