„Европа не нè разбира“ – бугарски интелектуалци против меморандумот за С. Македонија

Триесетина бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности со заедничко писмо до јавноста се изјаснија против меморандумот што Софија го испрати до земјите членки на Европската Унија во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Скопје кон ЕУ.

Во писмото „Европа не нè разбира“, што го пренесува „mediapool.bg“, тие инсистираат на „фундаментална промена на парадигмата во историското размислување“ и пишуваат дека не се согласуваат „Северна Македонија да се претстави само како земја што нe се справува со сопственото минато“. Според нив, Софија демонстрира  застарени сфаќања и изнесува неодржливи и наивни тврдења против Северна Македонија.

Потписниците на заедничкото писмо сметаат дека меморандумот не ги рефлектира достигнувањата на голем број бугарски историчари во последните децении, а е неразбирлив и за Европа.

– Не гледаме како Европа може да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски научници кои не зборуваат на јазик ниту на модерна историографија ниту на современите хуманистички и општествени науки. Меморандумот не ги одразува принципите и вредностите врз кои е изградена Европската Унија, велат во писмото. Потсетуваат дека неодамна копретседавачот на Заедничката бугарско-македонска мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања Ангел Димитров изјави дека бугарскиот меморандум ги одразува достигнувањата на „бугарската историска наука“, а пред неколку дена, пак, членот на споменатата комисија Иван Илчев се пожали во бугарските медиуми дека „Европа не нè разбира“.

Поддржувачите на позицијата против меморандумот не се согласуваат Северна Македонија да се претставува како земја што не „се справува со сопственото минато“.

– Не сметаме дека единствениот историографски проблем е „идеолошкото наследство“ од „комунистичка Југославија“. Друг проблем е доминацијатата на наджиевеаното, романтично и митолошко историографско размислување во самата Бугарија. Не веруваме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите нејзини специфики, фундаментално се разликува од начинот на формирање на другите нации, ниту пак сметаме дека може да се сведе на формулата во меморандумот за „етнички и јазичен инженеринг“. Се спротивставуваме и на претставувањето на македонската нација како плод на „југословенска пропаганда“, наведуваат потписниците на писмото.

Тие сметаат и дека наводите во меморандумот за идентитетот на „преовладувачкото мнозинство на словенското население во Македонија“ се историски наивни и не одговараат на достигнувањата на модерната историографија, социјалната и хуманитарна наука. Според нив, тие наводи се предмет на застарено разбирање на „националната историја“ што е несоодветно во однос на критичката историска наука денес.

– Свесни сме дека сите стандардизирани јазици се во извесна смисла вештачки колку што литературната норма секогаш интервенира во говорните дијалекти и одредува кои елементи од нив се „точни“ и кои „неточни“. За нас, тврдењата за датумот на раѓање на една нација и јазик се научно непоткрепени и се спротивни на достигнувањата на историската наука, како и на општествените и хуманистичките науки воопшто. Иако го прифаќаме концептот на „заедничка историја“, ние се спротивставуваме на неговите елементарни толкувања, како и на неговата употреба за наметнување единствен наратив – во овој случај, официјалната приказна за минатото во Бугарија, подвелекуваат потпишаните бугарски интелектуалци.

Истакнуваат дека тврдењето за заедничка историја до 1944 година, еднострано толкувана како бугарска, е неубедливо. Сметаат дека концептите како што се „споделена историја“ и „испреплетена историја“ би можеле да го збогатат меѓусебното разбирање за минатото.

„Во меморандумот особено е смешен бројот на жртвите од југословенската комунистички режим во Македонија. Ги надминува сите разумни параметри, и го компромитира основаното инсистирање од страна на Бугарија да се придржува на факти и документи. Ние веруваме дека е потребна фундаментална промена на парадигмата во историското размислување, а за да се постигне тоа крајно време е да се отворат и бугарските медиуми, заклучуваат трисетината бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности во заедничкото писмо во кое го искажуваат своето противење на меморандум со кој Бугарија го условува стартот на пристапните преговори на С. Македонија со ЕУ.

 

One thought on “„Европа не нè разбира“ – бугарски интелектуалци против меморандумот за С. Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *