Илиев: Бугарија може да остане сама во спорот со Северна Македонија

Бугарија може да остане сама во спорот со Северна Македонија, смета Кирил Илиев, историчар од Институтот за балкански студии при Бугарската академија на науките.

Илиев во изјава за ТВ Блумберг, коментирајќи ја бугарската позиција кон Скопје и ставовот на Германија како актуелен претседавач со ЕУ дека не треба да се поставуваат нови критериуми, вели дека Бугарија нема јасен концепт за целите што сака да ги постигне во односите со Северна Македонија

– Општо, Бугарија нема целисходна политика што строго ќе се следи и нема да се отстапува од неа. Бугарите се прекумерно емоционални за македонското прашање, за Северна Македонија, додека во соседните земји Србија и Грција пристапуваат прагматично според нивниот интерес, рече Илиев.

Во Бугарија и во Северна Македонија, забележува бугарскиот историчар, има партии и личности чиј политички живот се темели целосно на македонското прашање.

– Не постои политичка партија во Северна Македонија што не ја користи историјата како своја идеологија, но на начин што и одговара, рече Илиев, посочувајќи ја опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која, како што наведе, „го користи меморандумот на Бугарија за да додаде бензин во огнот“.

Тој смета дека историската дебата меѓу Бугарија и Северна Македонија не може да се избегне, зашто тоа е темелот на проблемот меѓу двете земји.

Нерешавањето на историските прашања, според него, ќе ги остави Македонците да продолжат да мислат се најлошо за Бугарија и да ја прифаќаат земјата негативно. – Треба да се решат историските проблеми за да не останеме за денешните Македонци „татар-монголи, фашисти, окупатори, комунисти“. Ова е најлошото што ни се става како етикета, истакнува Илиев.

Бугарскиот историчар се надева дека комисијата формирана од експерти од двете земји наскоро ќе продолжи да работи и ќе ги расчисти несогласувањата.

– Погрешно беше што секоја информација за работата на заедничката експертска комисија стана јавна за луѓето во двете земји и се користеше за политички цели, изјави Илиев.

Тој истакнува дека нема проблем во комуникацијата на Бугарите со народот на Северна Македонија до моментот додека не почне да се зборува за историјата, и е убеден дека тоа е пречка за приближување на културно, спортско и економско ниво.

– Не може да се прават компромиси со историјата, вели Илиев, осврнувајќи се конкретно на архивите за Гоце Делчев, за кого, како што посочува, македонската страна има 44, а бугарската 440 документи.

Според него, дебатата треба да се базира на историското документарно наследство, а во меѓувреме да се пристапи прагматично со изградба на автопат меѓу Софија и Скопје, железничка пруга и отворање нови гранични премини меѓу двете земји.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *