„Балкан Инсајт“: Лидерите на Северна Македонија ја обновија кампањата за независност на Црквата

Премиерот и претседателот на Северна Македонија ги повторија старите барања до вселенскиот патријарх Вартоломеј за признавање на црковната независност на Православната црква во нивната земја и за конечно ставање крај на спорот околу нејзиниот статус со Црквата во Србија, наведува „Балкан Инсјат“.

– Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во вторникот испрати писмо до цариградскиот патријарх Вартоломеј, глобален лидер на православното Христијанство, повикувајќи го да и даде автокефалност или црковна независност на Православната црква во земјата и да стави крај на нејзиниот стар спор со Српската православна црква, истакнува порталот.

„Балкан Инсајт“ наведува дека Македонската православна црква „се отцепи“ од Српската црква во 60-тите години на минатиот век, но нејзината црковна независност никогаш не беше признаена од останатите цркви во православниот свет.

Порталот потесетува дека два дена пред премиерот Заев и претседателот, Стево Пендаровски испрати слично барање до патријархот Вартоломеј.

– Писмата претставуваат продолжение на напорите на Заев за затворање на ова чувствително прашање. И Заев и Македонската црква испратија писмо со исто барање до Вартоломеј и во 2018 година. Тие беа охрабрени од тогашната одлука на вселенскиот патријарх да ја признае независноста на Православната црква во Украина, спротивно на заложбите на Руската црква и политичките власти, додава порталот.

Според „Балкан Инсајт“, патријархот Вартоломеј тогаш индиректно го отфрлил македонското барање, оценувајќи дека сепак ситуациите во Северна Македонија и Украина се различни и „ја советуваше Македонската црква да побара решавање на нејзините проблеми околу нејзиниот статус преку обновени разговори со Црквата во Србија“.

– Српската православна црква е автокефална уште од 13-от век и има силни позиции меѓу православните цркви во светот. Оваа своја позиција таа ја користи за да го блокира признавањето на Македонската црква, која еднострано прогласи црковна независност во 1967 година. СПЦ инсистира на тоа дека Македонската црква може да добие само еден вид автономен статус во рамките на Српската црква. Во изминатите децении имаше многу неуспешни обиди за решавање на спорот, додава порталот.

Според „Балкан Инсајт“, експертите оценуваат дека во последните писма на Заев и Пендаровски се видиливи идеи за начинот на кој се надеваат дека спорот може да се реши, при што тие го потсетуваат Вартоломеј на неговото канонско право да ги решава долгогодишните спорови меѓу црквите.

Висок теолог на Теолошкиот факултет во Скопје, кој побарал анонимност, за БИРН наведува дека каноните од Четвртиот црковен собор „го посочуваат цариградскиот патријарх како врховен орган кога станува збор за спорови меѓу локалните цркви“.

– Српските политичари, како што се очекуваше, ги критикуваа писмата испратени од лидерите на Северна Македонија. Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ ја предупреди Северна Македонија да не бара „заобиколни патишта“ за решавање на деликатното прашање и да ги почитува правила на Црквата, додава „Балкан Инсјат“.

Порталот наведува дека Дачиќ изразил желба за постигнување договор за црквеното прашање, но нагласил дека тоа мора да се направи со почитување на правилата на Православната црква.

– Очекуваме вселенскиот патријарх да биде на истата позиција, како и кога се изјасни против формирањето на т.н. Црногорска православна црква, ја пренесува „Балкан Инајат“ изјавата на Дачиќ.

Сепак, според порталот, постојат разлики меѓу состојбата со Македонската и Црногорската православна црква.

– Српската црква го има под контрола теренот во Црна Гора, додека Македонската православна црква е убедливо најголемата верска заедница во Северна Македонија и ужива апсолутна поддршка на политичкиот естаблишмент, заклучува „Балкан Инсјат“.