Битиќи: Владата обезбедува поддршка на компаниите на целата територија на Северна Македонија

Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во рамки на серијата консултативни средби, вчера изврши работна посета на општините Дебар и Маврово-Ростуше, ја посети фабриката на Еуроедил Холдинг и оствари средба со претставници на компаниите кои работат во овие општини.

Како што соопштија од Кабинетот на вицепремиерот Битиќи, за време на посетата на компанијата Еуроедил Холдинг, лоцирана во село Скудриње, Битиќи разговараше со менаџментот на компанијата за текот на реализацијата на нивниот инвестициски проект, за предизвиците со кои се соочуваат во тековното работење, а ги посети и производствените капацитети на претријатието.

Еуроедил Холдинг е една од компаниите кои имаат потпишано договори за државна помош преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Компанијата има договор за инвестициски план со вредност од милион евра за пет години, а како државна поддршка во првата година од страна на Владата се исплатени околу 30.000 евра, за оправдани инвестициски трошоци. Таа е основана од наш граѓанин, повратник од странство.

-Еуроедил е една од компаниите којашто е корисник на Законот за финансиска поддршка на инвестиции и навистина е една компанија којашто укажува како нашите луѓе коишто работат надвор знаат и умеат, прво да се вратат во нашата земја, второ да покажат дека знаат да бидат и инвентивни и трето дека знаат многу добро да бидат поврзани во ланецот на набавка со странските компании. Оваа компанија произведува полуготови и готови продукти коишто одат на европскиот пазар преку реномирани светски компании и тоа навистина е за поддршка и денеска зборувавме за се што би требало да направиме за оваа компанија којашто има план за проширување на нивниот производствен капацитет, изјави Битиќи.

Тој  укажал дека како Влада ќе ја поддржат која било иницијатива, не само од оваа компанија, од сите други компании во овој регион затоа што тоа значи повеќе креирани работни места, развој на самиот регион и придонес кон целокупниот развој во државата.

-Уште еднаш би сакал да укажам дека во суштина не е битно местото во коешто оперирате, дека Северна Македонија има потенцијал, има луѓе коишто знаат да развиваат бизнис и со тоа да покажат дека ние знаеме да направиме економија којашто е конкуретна на домашен, но и надвор од домашниот пазар, посочил вицепремиерот Битиќи.

Управителот на Еуроедил Холдинг, Раким Рамадановски информирал дека компанијата е формирана во 2005 година и работи со лимени производи, производство и полупроизводство за сувата градба. Нивните производи ги пласираат на европскиот пазар и во земјите од регионот. Компанијата има 62 вработени, а имаат планови и за натамошно проширување на производствените капацитети.

За време на работната посета, во организација на градоначалникот на Дебар Хекуран Дука, вицепремиерот Битиќи остварил средба и со претставници на компании кои функционираат во општините Дебар и Маврово-Ростуше. Со нив разговарал за актуелните предизвици со кои се соочуваат за време на социо-економската криза, како и за мерките што се подготвуваат од Владата за нивно надминување и активностите што Владата планира да ги спроведе во пост-Ковид-19 периодот, а со кои се предвидуваат одржлив раст и развој на економијата во сите региони во Северна Македонија и на земјата во целина.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *