Гоце Делчев е македонски револуционер, но и Бугарите го чествуваат, порача државниот врв, Заев во ноември на средба со Борисов

Гоце Делчев ќе биде една од темите на разговор на средбата, која премиерот Зоран Заев ја најави со бугарскиот премиер Бојко Борисов, а која треба да се реализира во Софија на почетокот на ноември.

Тоа ќе биде прва средба на високи функционери на двете држави по бугарскиот објаснувајчки меморандум упатен до земјите-членки на ЕУ, со кој Софија го доведува во прашање македонскиот национален идентитет – македонскиот јазик го оквалификува како дијалект на бугарскиот, а македонската нација ја означува како творба на Тито, а кој предизвика низа реакции во земјава.

– Очекуваме во периодот, не подоцна, од 10 ноември да направиме една средба. Секако јас сакам да ја посетам Република Бугарија и да биде мојата прва официјална посета како претседател на Владата заради тоа што навистина имаме и прашања за разговори, а тоа е токму прашањето за ова следно историско поглавје, а тоа Гоце Делчев како историска личност и овој период од историјата. На 10 – 11 ноември се очекува да се одржи Берлинскиот процес каде што сме домаќини ние и Бугарија заедно, што ќе се одржи во Софија. Очекуваме овие денови да добиеме и повратна информација од Бугарија за да можеме да седнеме да поразговараме на подготовката за Берлинскиот процес, секако и за ова отворено прашање, рече Заев вчера на заедничката прес-конференција со новиот евроамбасадор во земјава, Дејвид Гир.

Заев напомена дека е добро што заедничката Комисија за историски и образовни прашања работи за изнаоѓање заедничко решение и додаде дека очекува час поскоро да се најде решение на ова прашање.

На новинарско прашање што лично мисли, дали Гоце Делчев е Македонец или Бугарин, Заев рече дека Гоце Делчев е македонски револуционер, но исто така е факт дека Бугарија и Бугарите го сметаат исто така за бугарски револуционер.

– Гоце Делчев е македонски револуционер, но исто така е факт дека Бугарија и Бугарите го сметаат исто така за бугарски револуционер. Факт е дека имаме наш град што се вика Делчево, во Бугарија има град Гоце Делчев, имаме споменици во Северна Македонија и во Бугарија. Заедно со премиерот Борисов се поклонивме во Благоевград на споменикот на Гоце Делчев но и заедно се поклонивме и на гробот на Гоце Делчев овде во Скопје, и реалноста и фактите се тие, рече Заев.

За Гоце Делчев вчера се огласи и шефот на државата, Стево Пендаровски, по седницата на Советот за безбедност.

– Гоце Делчев нека го чествува кој сака, тоа може само на нас Македонците кои го чествуваме, кои го почитуваме, да ни прави уште поголемо задоволство, поголем мерак. Станува збор навистина за  фигура која далеку ги надминува, јас би рекол, и регионалите рамки на  Балканот. Она што навидум не дели, треба да не спојува. Јас мислам дека тој е македонски револуционер, кој е еден од најзаслужните за македонската држава која стана вистина, која се оствари по 1944 година. Меѓутоа тоа што тие тврдат дека тој е Бугарин, се борел за бугарската кауза, за мене е неспорно. Секој има право тоа да го брани. Зошто тоа би било проблем, не во однос на евроинтеграциите, генерално како народи, како граѓани, не гледам проблем ако ти го сметаш некого за јунак да го чествуваш и ти, и тоа не мора да биде исклучиво, рече Пендаровски.

Софија нагласува дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.

А евроамбасадорот Гир вчера не сакаше директно да одговори на прашањето дали освен Бугарија и некои други земји-членки имаат забелешки на Преговарачката рамка, но изрази надеж дека што е можност поскоро ќе се одржи првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија, со што и официјално се означува почеток на преговорите со Европската Унија.

– Не сум во позиција да зборувам за внатрешните дискусии, кои се водат во Советот по ова прашање. Да ги погледнеме важните прашања. Одлуката да се почнат преговорите за Северна Македонија беше донесена во март, ова беше историски настан, потоа Европската комисија ја изложи нацрт преговарачката рамка, која беше дискутирана од земјите-членки, кои што требаше да се согласат околу неа и потоа треба да се усвои и да се одржи првата меѓувладина конференција. Се надеваме дека ова ќе се случи што поскоро и потоа треба да ги засукаме ракавите и да продолжиме со реформскиот процес, да ги забрзаме напорите, кои што веќе се прават во насока на постигнување на целта – пристапување во ЕУ, рече Гир.

Заев, од своја страна, изрази очекување дека дискусијата за преговарачката рамка во Брисел ќе има успешна завршница на Советот на општи прашања, односно на ГАК на 10 ноември по што, како што истакна, ќе биде реално да очекуваме одржување на првата Меѓувладина конференција во декември.

– Нашата намера е да ја активираме брзата трака на преговорите по поглавје со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ-агенда. Што се однесува до нашата страна нема да дозволиме причини за нови одлагања. За нас е прифатлив новиот принцип за реверзибилност на процесот доколку се случи деградација на демократскиот амбиент во нашата земја, но нагласувам, нашата свечена обврска останува и ќе биде да не дозволиме тоа во име на иднината на државата и граѓаните да се случи, потенцира премиерот.

За премиерот влеваат оптимизам сигналите од европските партнери дека билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнување во фазата на завршните преговори.

– Со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство. Духот на добрата волја и пријателството коишто произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка не обврзува да се фокусираме на зајакнување на односите меѓу двете земји и да ги почитуваме правото на самоопределување и самоидентификација како темелни европски вредности, рече Заев.

Германската амбасадорка Анке Холштајн, чија земја е актуелен претседавач на ЕУ оцени дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка, нагласувајќи дека од суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот на проширување на Унијата со земјите од регионот на Западен Балкан и изрази надеж дека првата Меѓувладина конференција ќе се одржи до крајот на годината.