Нови услови од Бугарија за преговорите со ЕУ

На шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија, Бугарија испрати објаснувачки меморандум до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за отпочнувањето на преговорите со Унијата. Официјална Софија бара поддршка од нив за својата позиција во однос на македонскиот идентитет и јазик.

Софија нагласува дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.

Бугарските власти ја повикуваат Северна Македонија да изнајде долготрајни решенија со искрена политичка волја и храброст и да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“. Според Бугарија ова „наследство“ е причина за „етничкиот инженеринг“ во Северна Македонија.

Што се однесува до јазикот, Софија ја доведува во прашање кодификацијата на македонскиот јазик и смета дека тој е регионален дијалект на бугарскиот.

Во меморандумот се наведува и дека формирањето на македонската нација е проект на Белград за поткопување на бугарскиот идентитет. Официјална Софија поставува услови и во однос на малцинствата.

Од македонското Министерство за надворешни работи велат дека размената на меморандуми меѓу земјите членки е редовен процес и немаат повеќе информации околу документот.

Од институциите на Европската унија нема реакција засега на овој бугарски документ.

Дипломатски извори за МИА велат дека е нормално на почетокот на дискусиите во ЕУ секоја страна да ги образложи своите позиции, и дека е вообичаено да бидат максималистички, но останува надеж дека ќе може да се најде заеднички прифатливо решение со Софија за да започнат преговорите за членство во Северна Македонија пред крајот на оваа година.

Копретседавачот на Македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања од македонска страна, Драги Ѓоргиев за бугарската ТВ Европа, најави дека комисијата ќе се сретне овој месец.

Ѓоргиев притоа потврдува дека Гоце Делчев останува клучното спорно прашање и оти дијалогот за тоа треба да продолжи, а за заканите од Софија за можна блокада на стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ смета дека би била погрешна политичка одлука што може да им зададе голем удар на односите меѓу двете земји.

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов пред неколку дена изјави дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, ако мешовитата комисија не постигне согласност за отворените историски прашања.

Според официјална Софија, македонската страна ги избегнува состаноците на историчарите за да не се соочи со решавање на прашањето за Гоце Делчев и со тоа покажува дека нема желба да води искрен дијалог.

Каракачанов порачува дека никој од ЕУ не може да притисне и да и укаже на Бугарија да ја промени позицијата и не може само едната страна да прави компромиси, а другата да прави што сака.

Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелив, пак, тврди дека Софија нема да става вето и да ја блокира првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со Европската унија.