Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска се сретна со амбасадорката на Црна Гора во земјава, Марија Петровиќ.
Како што соопшти собраниската прес-служба, амбасадорката Петровиќ му упати честитки на Џафери за реизборот со желби за успешен мандат и брзо и динамично водење на преговорите за членство во Европската унија. Таа изрази надеж дека ќе продолжат отворената, пријателска соработка и размената на посети на високо ниво, кои беа интензивни во изминатиот период. Воедо даде и краток осврт на политичката состојба во Црна Гора по одржаните парламентарни избори.
Претседателот Џафери, пак, го поздрави напредокот на Црна Гора во преговорите за членство во Европската Унија и изрази надеж дека наскоро земјата ќе успее да го финализира тој дел од процесот на пристапување. Тој истакна дека очекува до крајот на годината да се организира и меѓувладината конференција меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, што би претставувало и официјален почеток на преговорите за членство.
Џафери информираше дека по одржаните парламентарни избори на 15 јули 2020 година и формирањето на парламентарното мнозинство, Собранието ги формираше и работните тела, а наскоро ќе бидат формирани и делегациите во меѓународните собранија и пратеничките групи за соработка. На крајот, тој изрази уверување дека и во иднина ќе продолжи успешната соработка во рамките на регионалните иницијативи во кои учествуваат пратеници од двете држави.