Најавено конституирање на собраниските комисии

Членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата се очекува денеска да одржат седница на која треба да се гласа за составот на парламентарните комисии. Претседателот на Комисијата Костадин Костадинов веќе потврди дека парламентарните партии постигнале договор за тоа кој ќе претседава комисиите. Потоа составот на комисиите треба да помине и на пленарна седница.

Пратениците од СДСМ ќе претседаваат со осум собраниски комисии, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ исто така со осум, ДУИ со три вклучувајќи ја и Комисијата за уставни прашања, со која претседава претседателот на Собранието, пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе претседаваат со две комисии, а Беса со една.

Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека неговата пратеничка група ќе претседателствува со истите осум комисии како и во минатиот состав. Вели дека пратениците од опозициската партија ќе учествуваат на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и на пленарната седница на која треба да биде потврден составот на комисиите.

Иако договорот е потврден, засега се уште на веб – страната не е закажано заседание на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ќе одржи брифинг со новинарите, прв по неговиот повторен избор, по што се очекува да се знае кога ќе биде свикана седницата на која треба да се гласа за составот на Комисиите и како ќе се одвива натамошната работа на Парламентот.

Собранието на Република Северна Македонија иако конституирано не може да ја започне својата работа по законските текстови бидејќи парламентарните партии не можеа да постигнат договор за претседавањето со парламентарните комисии. Исто така, еден од пратениците на ДУИ е болен од Ковид-19, и се уште не е е верификуван мандатот на пратеникот кој ќе дојде на местото на сега министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, па, така се доведува во прашање и мнозинството во Парламентот.