Бектеши: Ќе се прераспределат буџетски средства за да му се помогне на бизнисот

Стопанството се соочува со нарушена ликвидност, а за неговата лоша кондиција доказ е и регистрираниот пад на БДП во вториот квартал. Без да им се помогне веднаш, особено на оние дејности кои се принудно затворени, но и на оние кои поради природата на работата немаат никакви приходи, а ликвидноста им е нарушена, падот на економијата ќе продолжи, ќе има дисторзија на пазарот на труд и трајно губење работни места. Поради кризата ќе замрат и претпријатија кои со години опстојувале на пазарот, предупреди претседателката на Сојузот на стопански комори (ССК), Данела Арсовска на денешната средба со министерот за економија Крешник Бектеши.

ССК бара изготвување протоколи за работа за сите дејности без исклучок, овозможување побрз проток на границите и задржување на постојните или склучување нови договори за извозно ориентираните компании и финансиски пообемна поддршка со претстојниот четврти пакет економски мерки.

Министерството за економија, како што рече Бектеши,  максимално ќе излезе во пресрет на компаните и веќе се прават проценки  кога да се изготви ребелансот на Буџетот со што ќе се обезбедат средства за четвртиот пакет антикризни мерки. Наредната недела се очекува да биде доставен предлог од Министерството за финансии за ребаланс на Буџетот, а целта е прераспределба на средства за финансиска поддршка на стопанството и реализирање на четвртио антикризен пакет економски мерки кој веќе се подготвува.

-Неопходно е државата да помогне за да преживее бизнисот, посебно фирмите кои во претходните години вложуваа многу. Состојбата е влошена, компаниите секојдневно запаѓаат во долгови, а не отпуштија вработени со надеж дека ситуацијата ќе се подбри. Очекуваме интервенто да се делува со директна финансиска поддршка на најпогодените сектори за да се ублажат ефектите од пандемијата колку што е можно повеќе, бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање, истакна Арсовска.

Кризата, додаде, во континуитет трае повеќе од шест месеци, постојат дејности кои се уште се принудно затворени од Владата за што е неопходно што поскоро по примерот на земјите од регионот и светот да се креираат прецизни протоколи за работа за остварување на дејноста, но и за здравствена превенција и да им се овозможи да функционираат.

-Министерството за економија во рамки на своите надлежности преку директно грантирање може да ги помогне оние кои се најпогодени, кои се принудно затворени и тонат, не по своја вина. Претприемачите се најпогодени од кризата, а имаат клучна улога во функционирањето на националната економија. Дополнително во секторите туризам, енергетика, минерални суровини, индустриска и инвестициска политика на деловната заедница и се потребни квалитетни и применливи закони со инклузија на реалниот сектор во самото драфтирање, рече Арсовска и дополни дека кризата е добар момент за реформирање во насока на зголемување на економската конкурентност.

Министерот Бектеши потенцира дека со распределба на средства од буџетот на Министерството за економија, но и од другите институции, може да се реализираат итни мерки доколку стопанството оцени дека за тоа има потреба. Во меѓувреме, се подготвува четвртиот пакет економски мерки кој е насочен, исто така, кон директна поддршка.

Според него, во постојниот Буџет кој беше усвоен во вонредната состојба, некои мерки беа искористени 70 – 80 отсто. Токму тоа отвора простор институциите да направат распределба на буџетот и мерките да се дизајнираат заедно со стопанските комори.

-Ребаланс на Буџетот најверојатно ќе има. Ги чекаме проекциите на Министерството за финансии. Верувам дека во текот на наредната недела ќе се донесе одлука. Имајќи предвид дека и со третиот сет како Министерство, добивме највеќе средства во однос на другите институции, сепак, ако има потреба, ќе се креираат итни мерки за што имаме финансиска можност преку распределба на ние можеме и внатре во нашата институција да распределиме средства за да им излеземе во пресрет на компаниите, информира Бектеши.

За ваучерите, додаде, се предвидени 12 милиони евра. До овој момент се потрошени три милиони и согласно проекциите се очекува до 15 декември да се потрошат седум или осум милиони евра.

-Ова дополнително ни дава простор заедно да креираме плус мерки, таргетирани за туризмот или други најпогодени сектори, истакна министерот.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со евентуално затворање на угостителските објекти поради зимската сезона и можноста од проширување на ковид пандемијата, Бектеши рече дека тоа засега не е тема на разговор.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *