Груби – Бенгтсон: Северна Македонија има силна поддршка од Шведска

Шведска е вистински поддржувач на Република Северна Македонија и пријателството воспоставено со текот на годините меѓу двете земји ќе продолжи да се продлабочува, истакнала шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон на денешната средба со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби.

Амбасадорката Бенгтсон истакнала дека Шведска ќе продолжи да биде силен партнер за кохезијата на земјата и силен поддржувач на Северна Македонија на нејзиниот пат кон интеграцијата кон Европската Унија.

На средбата Груби пред шведската амбасадорка посочил дека тој, како прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, ќе се ангажира со сите капацитети со цел да се одржи кохезијата во Владата.

– За време на средбата со шведската амбасадорка, Груби ја спомна важноста на Охридскиот договор, оценувајќи го како единствен договор кој што е во функција на сите заедници кои што живеат во Северна Македонија и пример за надминување на проблемите и во други земји во регионот но и пошироко, се наведува во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот.

Груби исто така додал дека тој и неговиот тим ќе го направат невозможното за институциите во Република Северна Македонија да ја извршуваат својата работа без политичка инфлуенција и во овој случај да се овозможи законот да преовладува на најдемократски можен начин, да се засили борбата против корупцијата, не заборавајќи го и економскиот развој.

Посочил дека владеењето на правото и неселективната правда се предуслови за институционален кредибилитет и економски развој.

Бенгтсон и Груби за време на денешната средба, разговарале и за други прашања во земјата, како и за други случувања со кои се соочува регионот.