Дипломатите на земјите членки се состанаа утрово во рамките на телото за проширување во Советот на ЕУ, за да разговараат за нацрт-преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија како главна тема на дневен ред, јави дописничката на МИА од Брисел.
Ова е првпат земјите членки да се состанат за да разговараат темелно за преговарачките рамки за двете земји, но и за новата преговарачка методологија на ЕУ, предложена и усвоена во март оваа година.
Според дипломатите од земјите членки на ЕУ со кои разговараше МИА, атмосферата денеска била “добра“, а германското претседателство со поддршка од широко мнозинство земји членки на ЕУ не се откажува од амбицијата рамката да биде усвоена во ноември годинава, што би отворило пат за одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на оваа година, иако не е исклучено одложување.
Од повеќе дипломатски извори е потврдено дека една земја членка, сосед на Северна Македонија, и натаму има проблем со одредени делови на преговарачката рамка, прашање во кое не навлегуваат другите земји на ЕУ. Бугарија има право да блокира доколку оцени дека не е задоволна, но напорите да се постигне компромис до ноември продолжуваат, велат дипломатите во Брисел.
-Има општа добра волја кај сите земји членки да се затвори прашањето до крајот на оваа година, вели за МИА дипломат од земја членка на ЕУ.
Дипломат од една од најголемите земји членки на Унијата за МИА додава дека бугарската страна била “гласна“ на денешниот состанок околу прашањата што им претставуваат проблем, како јазикот, на пример, кој во предлог рамката е јасно именуван како македонски јазик.
На состанокот се разговарало и погенерално за методологијата на преговорите, според дипломатите дебатата одела “мазно“ и без судири.
-Ќе инсистираме на тоа преговарачката рамка да ја одразува новата методологија, вели друг дипломат за МИА, односно дека клучните принципи на ревидираниот процес за преговори за членство ќе бидат запазени.
Во петок продолжуваат дискусиите на техничко ниво во ЕУ, земјите членки во наредниот период планираат темелно да ги разгледуваат и предлог рамките и методологијата, со надеж до ноември да постигнат компромис, како што посакува германското претседателство.
Insightful read! I found your perspective very engaging. For more detailed information, visit: READ MORE. Eager to see what others have to say!