Инвестициите на Гојко Јаковлески, алиас Гојко Делчев-Рафкин – Гоце Македонски

85 ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА ГОЈКО ЈАКОВЛЕСКИ, АЛИАС ГОЦЕ МАКЕДОНСКИ

На Гојко Јаковлески, алиас Гојко Делчев-Рафкин – Гоце Македонски Македонија му е и верба и надеж и љубов и тага и среќа и судбина. Тој заминал од Македонија, но таа повторно го врати назад. Иако  во туѓина, тој бил со мислите и со срцето постојано во родната земја, во родното Зубовце, со својот македонски народ во дијаспората и во етничка Македонија.

Затоа, често тој вели дека нашата Македонија може да ја сочуваме само со љубов и сплотеност, а не со ривалство и омраза. Затоа, правеше сѐ во неговиот богат живот да помогне во остварувањето на најголемиот македонски идеал и сон, Република Македонија да се стекне со сувереност и самостојност.

Често тој вели дека уште во периодот кога бил во Германија имал желба да помогне за својата Македонија и родното Зубовце. Тоа го направил кога неговите родители Делче и Рафка се колебале дали да останат во Зубовце или да го напуштат?

Размислувале што да прават, дали да ја поправат старата куќа или да изградат нова, во Зубовце или во Гостивар? Старата куќа на семејството на Јаковлески, во која бил роден и Гојко, која била изградена пред стотина години, не издржала на забот на времето, почнала да се распаѓа. Морало да ѝ се изврши темелна реконструкција, или да се изгради нова куќа.

Кога Гојко дознал за таквата состојба, им предложил на родителите да изградат нова современа куќа во Зубовце. Овој предлог многу не им се допаднал , бидејќи иселувањето на зубовчани од ден на ден било сѐ помасовно, а тие се плашеле да не опусти селото и да не останат сами.

2.9.8

Скопје

Делче бил свесен дека нивниот син Гојко парите не ги спечалил лесно, затоа, кога ги добил средствата од Гојко решил да му се заблагодари со тоа што на новата куќа ѝ ставил име „Вила Ново Скопје“ – 1972 година. Тоа го напишал на источната фасада и го заокружил со венец. Тоа го направил бидејќи парите биле спечалени токму во ресторанот „Ново Скопје“ во Берлин.

Инаку во шеесеттите и почетокот на семумдесеттите години од минатиот век, селото Зубовце, родното место на Гојко Јаковлески го зафатило бранот на миграција село-град. Меѓутоа, изградбата на куќата на Делче и Рафка како да им дала повод  на нивните соселани и тие да останат во родното место, на дедовското огниште, а не да се иселуваат. Така, за многумина во тоа време било пресудно да останат во селото и да градат нови современи куќи. Денес никој не помислува на иселување, напротив, во Зубовце е присутен обратниот процес град-село, со што многумина иселени зубовчани се враќаат од градовите во Зубовце и градат нови современи куќи кои го красат ова убаво македонско село.

Според кажувањето на Гојко Јаковлески, алиас Гојко Делчев-Рафкин – Гоце Македонски, осамостојувањето на Македонија имало големо значење. Тогаш му се јавила желба да го префрли бизнисот од Шпанија во Охрид. Планирал имотот во Сегур де Калафел да го продаде и со парите да изгради луксузен хотел на брегот на Охридското Езеро.

За таа цел, пред првомајските празници во 1993 година, инкогнито, без да знаат неговите најблиски во Зубовце, со автомобил допатувал во Охрид за да го испита теренот за започнување бизнис. Неговата повеќедецениска желба била да инвестира во Македонија, посебно во древниот македонски град – Охрид, вториот Ерусалим каде што сакал да се занимава со угостителство и туризам.

За жал, не му успеало да инвестира во овој македонски и светски туристички центар.  Затоа и со мислите и со средствата се префрлил во Скопје. Имено, откако не успеал да купи куќа на брегот на Охридското Езеро и од Шпанија да го пренесе капиталот во Охрид, да изгради хотел, добил желба во центарот на Скопје, да изгради деловно-станбен објект.

За таа цел на почетокот на 2005 година , во познатото скопско Дебар Маало, купил куќа на два ката од познатата галичка фамилија Жантевски. Куќата ја урнал во септември 2007 година и на нејзините темели изградил деловно – станбена зграда. Тоа бил еден од радосните моменти на Гојко кој го направил многу среќен.

2.9.9

Старата куќа на Жантевци, што се наоѓала на улицата „29 Ноември“ бр. 6 и 8 во Скопје, градежницие почнале да ја уриваат на 11 септември 2007 година, а изградбата започнала по еден месец, во октомври. Темелот го положил и го осветил митрополитот господин Кирил, надлежен архијереј на Полошко-кумановската епархија на Македонската православна црква, неколкудецениски пријател на Гојко Јаковлески.

Проектот го изработиил дипломираниот инженер архитект Стефан Матевски од Гостивар, а градежните работи ги извел Е.Т.А.П.А., претпријатие за инженеринг, проектирање, инвестиции и производство од Скопје. Изградбата траела три години и во 2010 година бил извршен технички преглед и била добиена употребна дозвола, со што  објектот бил даден на користење.

Овој станбено-деловен објект има приземје четири ката и поткровје. Во приземниот дел, како и во сутеренот се сместени локали, а на катовите се становите за индивидуално живеење. Во објектот е обезбедено паркирање на 4 и гаражирање на 12 возила во две нивоа, сутерен и приземје. Овој станбено-деловен објект во Скопје ги удри темелите за повторно враќање на Гојко Јаковлески, алиас Гојко Делчев-Рафкин – Гоце Македонски  во неговата сакана татковина Македонија.

Продолжува

 3B

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *