85 ГОДИНИ ОД ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА ГОЈКО ЈАКОВЛЕСКИ, АЛИАС ГОЦЕ МАКЕДОНСКИ

Во ово продолжение ќе го поместиме говорот на Гојко Јаковлески, алиас Гојко Делчев-Рафкин – Гоце Македонски презентиран на Основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ на  на 16 декември 2009 година, во кој, меѓу другото, го кажа следното:

Дами и господо, почитувано собрание,

Ми падна чест од името на Македонците во Германија и во другите земји на Западна Европа, кои се наши политички истомисленици да го поздравам ова величествено собрание и да му посакам плодна и успешна работа. Уште на почетокот на овој мој поздравен говор сакам да кажам дека илинденскиот идеал кој гореше во нашите македонски срца и во далечната туѓина беше онаа волшебна магнетска сила која не донесе на ова собрание.

Длабоко сум уверен дека денешниот ден е историски ден за Македонија зашто денеска тука ќе биде основана ВМРО-ДПМНЕ како реафирмација и континуитет на илинденската политичка мисла, како оживотворување на илинденскиот идеал. Во тој контекс да се потсетиме на зборовите со кои стариот македонски револуционер Панко Брашнаров го отвори Првото заседание на АСНОМ:

„Другарки и другари народни претставници, Во овој момент, во ова историско место „Свети Отец Прохор Пчински“ и на овој историски ден ИЛИНДЕН кога објавувам дека е отворено Првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, душата ми е преполна со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, ја заплискуваат целата македонска земја, сакајќи да го измијат од македонскиот народ десетовековниот ропски срам од пропасти на Самоиловата држава, за да се роди денеска една нова, светла и слободна македонска држава“.

За жал, патриотскиот ПОРИВ така симболично искажан во зборовите на Панко Брашнаров, не го најдоа своето историско остварување, зашто илинденскиот идеал беше изневерен од кликата на новиот југословенски врховизам, па на местото на очекуваната слобода, Македонија ја покри мракот на вазалштината и квислиншкото, така што македонскиот народ и понатаму продолжи да очекува да го изгрее сонцето на еден трет македонски Илинден, а Панко Брашнаров, заедно со првиот претседател на Македонската република легендарниот Ченто станаа жртви на новиот, југословенскиот врховизам. Но, времињата се менуваат, тркалото на историјата си врви напред.

Сега се создадоа услови за еден нов македонски Илинден, кој за разлика од првите два наши Илиндена нема да се води со оружје, туку ќе се води со демократски и мирни средства. Денешното Основачко собрание на ВМРО-ДПМНЕ јас го гледам како мирољубиво продолжување на Илинденската револуција. Партијата што денеска ја основаме е единствената македонска партија која не се врзала и нема да се врзе за југословенскиот врховизам, која ќе работи по мирољубив начин, со демократски средства за остварување на Третиот македонски Илинден.

2.6.9

Сестри и  браќа,

Голема чест ми е што токму на мене ми се падна да Ви ги пренесам и поздравите што до Собраниево преку мене ги испорача Драган Богдановски, човекот кој цели три децении се наоѓа во предните редови на македонската патриотски ориентирана  емиграција и неуморно и неустрашливо се застапува за оживотворување на илинденските идеали, чијашто основна и крајна цел е обединување на Македонија и создавање на самостојна македонска држава.

Овој модерен маченик во борбата на македонскиот народ за целосно ослободување и обединување, покрај огромните други жртви што ги даде, верноста на илинденските идеали ја плати со единаесет години робија во македонските затвори, а речиси повеќе од триесет години е вистинско борбено знаме на целата македонска емиграција, па и на целата македонска нација, Богдановски во своите поздрави на Собраниево му посакува плодна работа и успешна завршница, а на партијата што, најверојатно, ќе се оформи, брз пробив на македонската политичка арена.

Тој, од оправдани причини беше спречен да присуствува на Основачкото собрание на ВМРО-ДПМЕ, но јас се надевам дека на 2 Август – на Илинден ќе се врати назад во Татковината и ќе се вклучи во предните редови на Партијата и ќе го развее борбеното илинденско знаме.

Сестри и браќа,

Не можам да не го искажам своето одушевување што на македонската повеќепартиска сцена конечно ќе почне да дејствува и вистинска национална партија, која со сето свое битие ќе се посвети на заштитата на македонските национални интереси во сите делови на распарчена Македонија.

Нашата ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори против бугарското и грчкото  ропство кое го задира нашиот народ во Пиринска и Егејска Македонија и заедно со македонските патриотски сили во другите делови од Македонија ќе изгради сеопшт македонски илинденски фронт.

Во ова исто време кога ние ја формираме нашата партија, нашите браќа од Пиринска Македонија водат величествена борба за своето национално признавање и национална слобода, а нашите браќа од Егејска Македонија испратија своја делегација во Копенхаген  на Европската конференција за безбедност за да ја запознаат Европа со грчкиот геноцид врз македонската нација во Егејска Македонија и да бараат национални права прокламирани со Хелсиншката спогодба и со другите меѓународни конвенции. Затоа, ние денеска со право можеме да кажеме дека цела Македонија е пробудена и се бори за своите права.

Од ова собрание, ние на нашите браќа под грчкото, бугарското и албанското ропство им ја искажуваме нашата солидарност,  убеден сум дека и нашата партија братски и несебично ќе ја помага нивната борба за национално ослободување, која е наша заедничка борба, борба за слободна и обединета Македонија.

Сестри и браќа,

Денешново време по многу нешто е судбоносно за македонскиот народ.
Денес над Македонија одново се надвиснуваат тешки и злокобни облаци. Апетитите на балканските империјалистички волци се зголемуваат. Тие сакаат да ја задржат Македонија под ропство и на македонскиот народ да му ги одземат и оние историски придобивки коишто тој ги платил со својата крв.

Само така можеме да ги толкуваме изјавите на грчките државници дека за нив Македонците не постоеле, само така може да се разбере антимакедонската хистерија на бугарските политичари, само така може да се објасни тоа што во оваа божем братска Југославија, српски политичари и научници го негираат нашето национално постоење и јавно ја искажуваат својата намера од Македонија, пак, да направат Јужна Србија. Непризнавањето на Македонската православна црква од страна на Српската црква не е ништо друго туку српски империјализам. 

Меѓутоа, ние веќе не смееме да седиме со скрстени раце. Ние мораме да застанеме во заштита на татковината, во одбрана на нацијата. Првенствена задача на нас Македонците, во новите услови, е изградба на нова македонска конфедеративна држава како предуслов за идната независна и обединета Македонија. Нашата партија ќе треба да се залага за преобразба на компромитираниот југословенски федерализам во модерна конфедеративна држава, зашто без да се негираат придобивките за македонската нација остварени во рамките на југословенската федерација, не може да не се каже дека таа македонска републка родена во крвта на илјадници македонски патриоти, стана жртва на југословенскиот врховизам, односно се роди осакатена под тој врховизам.

2.7.0

Дел од формирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ

Македонските раководители, ова можам слободно да го кажам, во најголем дел беа предавници на македонскиот народ. Тие наместо да ги штитат интересите на македонскиот народ во Пиринска и Егејска Македонија, ги штитеа своите лични интереси. Македонското квислиншко раководство наместо да се бори за суверените права на Република Македонија тоа ја доведе во типично колонијална положба.

Завршувајќи, тој истакна, сакам да кажам дека чукна часот кога македонскиот народ треба да се вклучи во масовна и активна политичка борба за преобразба на вазалната македонска држава во вистинска македонска национална држава. А тоа може да стане само со изодување конфедеративен статус за македонската република. За остварување на оваа голема и света политичка цел македонскиот народ го повикуваат бројните негови главни предци: македонскиот светски војсководец Александар Македонски, големиот македонски цар Самуил, бесмртните сесловенски апостоли и просветители браќата Кирил и Методиј, апостолот на славниот Илинден Гоце.

Делчев, бестрашните гемиџии – солунските атентаторн, Крсте Мисирков, па сѐ до најновите маченици и борци за светото македонско дело кои умреа од маченичка смрт и од братоубиствена рака Методи Андонов-Ченто, Панко Брашнаров, Павле Шатев, Методи Коларов, Ангел Мишев и плејада други кои умреа од маченичка смрт во казаматите и концентрационите логори на  повоена Бугарија, Грција и Југославија.

Слава им на сите борци паднати за македонската слобода, да живее Илинденскиот идеал.

Да живее ВМРО – ДПМНЕ која ќе го води македонскиот народ кон Третиот, победоносниот Илинден.

Продолжува

 1KatiN

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *