Проштална средба на Џафери со евроамбасадорот Жбогар

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари проштална средба со амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската унија во земјава Самуел Жбогар.

Џафери се заблагодари за досегашната соработка со Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија и лично на амбасадорот Жбогар за неговиот придонес во процесите кои, како што рече, имаа позитивна пресвртница во евроатланскиот пат на земјата и му посака успех во неговите идни професионални ангажмани.

Тој го потенцираше значењето на динамичната соработка со институциите на Европската унија, особено Европската комисија и Европскиот парламент како долгогодишни поддржувачи на нашите интеграциски процеси. Џафери го поздрави дијалогот Жан Моне како успешна алатка за унапредување на политичкиот дијалог во Собранието и изрази надеж дека Собранието активно ќе ги поддржи преговорите за членство на земјата во Европската унија.

Амбасадорот Жбогар најпрво му го честиташе повторниот избор за претседател на Собранието и ја искажа својата благодарност за соработката во изминатите четири години, посветеноста на претседателот Џафери за спроведување на европската агенда, водењето на политичкиот дијалог со сите парламентарни партии и неговата улога како претседател на сите пратеници во Собранието. Тој изрази надеж дека во следните недели ќе се утврди преговарачката рамка со цел одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годината.

-Собранието ќе има улога во оваа нова фаза од процесот и затоа е од исклучителна важност сите политички партии активно да учествуваат во однос на ЕУ прашањата. Она што е од посебен интерес и значење во следниот период е донесувањето на Законот за анти-дискриминација, изборот на членови во Советот за граѓански надзор и обезбедувањето на услови за негово соодветно функционирање, истакнал Жбогар на прошталната средба.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *