Мајка Тереза е симболот на бескрајната хуманост, на љубовта кон човекот, на грижата и сочувството кон болните и сиромашните и не толку среќните во животот, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето на манифестацијата „Денови на Св.Мајка Тереза“, што се одржа денеска на плоштадот Македонија по повод 110 – годишнината од нејзиното раѓање.
Свечено беше откриена и обновената спомен – плоча на местото на родната куќа на Гонџа Бојаџиу – Св. Мајка Тереза во центарот на Скопје.
– Пред оваа спомен плоча која ги симболизира темелите на родната куќа на оваа светски почитувана Албанка, сакам да го изразам и споделам чувството на искрена гордост што сум дел од овој собир, посочи Џафери.
Денес, потенцира Џафери, кога светот се соочува со пандемијата на Ковид-19, кога гледаме закана по здравјето на целото човештво, огромен удар врз темелите на секој здравствен и економски систем, сите поеднакво имаме потреба од заемна поддршка.
– Живееме во чудно време со нови и непознати предизвици, меѓутоа зарем ги нема секоја етапа од општествениот развој своите карактеристични тешкотии. Меѓутоа тоа што останува исто пред секоја тешкотија колку и да е таа непозната е подадената хумана рака, солидарноста и жртвувањрто на комоцијата и опуштеноста, затоа што несреќата тропа на секоја врата. Апелирам до сите да бидеме совесни и одговорни, да се грижиме едни за други, да се грижиме за блиските, познатите и непознатите и на овој начин да придонесеме за победата на ова зло кое го има зафатено светот, рече Џафери.
Нагласи дека ова е нашиот предизвик, ова е битката што актуелните генерации треба да ја водат, за да го поразиме современиот непријател толку ситен, а сепак толку голем. – Како што рекла и големата Мајка Тереза „Одете дома и сакајте го своето семејство“, затоа што се почнува од семејство, додаде Џафери.
Во рамки на манифестацијата беше промовирана и книгата „Од Гонџа Бојаџиу до Мајка Тереза – Сага за животот на Албанците католици од Скопје“.
Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Скендер Асани рече дека во книгата е претставен животот на Мајка Тереза во нејзиното Скопје до Калкута. Оваа книга, посочи, е една сага за католичките семејства во Скопје.
– Наскоро ќе упатиме предлог и елаборат до Собранието со цел да ја прогласиме Мајка Тереза за национално богатство, така што таа да стане и лична карта на нашата земја секогаш со надеж дека избраните претставници на народот ќе го поддржат овој предлог, потенцира Асани.