Копач: Да не се политизираат одлуките на Регулаторот, Владата да го амортизира ударот од поскапувањето на струјата

Покачувањето на цената на електричната енергија нема да се одрази на цените на другите продукти, туку единствено на сметките на граѓаните. На енергетскиот сектор му е потребна визија, а не политизирање на одлуките донесени од независниот регулатор кој работи транспарентно и професионално и кој беше прогласен две години по ред за најдобар меѓу земјите кои ги мониторира Енергетската заедница. Задача на Регулаторот е да ги балансира различните и понекогаш спротивставени интереси во енергетскиот сектор, истовремено дејствувајќи независно од Владата и од енергетскиот сектор, додека интерес и обврска на Владата е да обезбеди заштита на потрошувачите и да ги разгледа можностите за да се намали ударот од зголемената цена на електрична енергија за граѓаните кои се директно погодени од корона кризата, смета директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница со седиште во Виена, Јанез Копач.

Тој ова му го кажал на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски во телефонски разговор и додал дека единствено РКЕ како независна институција која детално го познава секторот, може, според Коипач, да ги пресмета трошоците на системот согласно перформансите, имајќи предвид дека производството и голем дел од пазарот се либерализирани.

Како што соопшти РКЕ, Копач во разговорот со Бислимоски порачал и дека државата не треба да ги субвенционира сметките за електрична енергија на највисоко платените менаџери и другите граѓани со високи примања кои, како што оценил, се субвенционирани со нереално ниски цени во моментов.

-Треба да се разгледа можност да се воведе привремена мерка која ќе значи проширување на опфатот на лица кои ќе влезат во групата за субвенционирање сметки со вклучување граѓани кои се директно економски погодени од здравствената криза на пример оние граѓани кои се останати без примања. Но, тоа не значи дека секој треба да добие помош, истакнал Копач.

Бислимоски и Копач се согласиле дека сигурноста и стабилноста во испораката на електрична енергија е предизвик што пандемијата го наметна за сите економии, посебно за оние кои се енергетски зависни од увоз на електрична енергија, каква што е македонската економија.

-Времето во кое што живееме во 2020 година е посебно предизвикувачко, затоа што ефектите од Ковид 19 на севкупната економија и особено на енергетскиот сектор се големи, така што треба сите ние да се адаптираме на новите услови. Владите мора да ја гарантираат достапноста до струја, вода и гас за секого и да ги разгледаат можностите да им помогнат на граѓаните кои се со ниски примања. Северна Македонија ја имплементираше целокупната потребана легислатива и го реформираше електро-енергетскиот сектор во согласност со третиот енергетски пакет. Националната легислатива опфаќа и правила кои се однесуваат на енергетска сиромаштија во која се дава можност на државата да субвенционира дел од сметките за струја за најранливите категории, подвлекол Копач.

Бислимоски го информирал за состојбата во енергетскиот сектор и предизвиците во време на КОВИД-19 со цел да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија.

-Енергетскиот сектор покажа отпорност во време на пандемија и кога во државата беше прогласена вонредна состојба испораката на енергенси остана гарантирана. Граѓаните не беа исклучувани поради неплатени сметки за електрична енергија, а токму овие режиски трошоци во време на вонредната состојба најранливите категории на потрошувачи можеа да ги плаќаат на рати без камати. Сето ова беше возможно поради стабилната финансиска состојба и здравите инвестициски политики на сите енергетски компании, рекол Бислимоски во телефонскиот разговор со Копач.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *